7.Vselenski.sobor

Дедо Наум:

Да се потсетиме: барање на Божја правда е исклучиво христијански подвиг кога при трпењето на одредено искушение се присилуваме во сѐ да бидеме подобни на Христос.

На пример, кога некој со некоја своја постапка нѐ повредува ние не го судиме и осудуваме дали неговата постапка одговара на евентуалниот наш повод,
или дали воопшто сме му дале некаков повод,
туку се проверуваме себеси преку Христовиот евангелски пример, како и преку досегашното стекнато духовно искуство
– дали ние во тој момент сме слични на Богочовекот Христос или не, односно дали нашите чувства, мисли, зборови и дела се во согласност со Божјите заповеди или не.

Единствено на овој начин, преку благодатта на Светиот Дух, нам ни се открива нашата несличност,
нашата неподобност со Оној Чие Име носиме,
со Оној пред Кого завети на Крштението сме дале,
со Оној Кого треба да Го сведочиме во овој свет,
со Оној со Кого се причестуваме на секое свето Благодарење (Евхаристија), и единствено на овој начин секогаш ја наоѓаме вината внатре во нас, а не надвор – не во другиот.

Значи, ако на една најобична претрпена повреда од кого било не сме покажале соодветно христијанско поведение, односно не сме се покажале слични на Христос, тогаш сигурно кога би претрпеле некоја поголема повреда би се покажало дека сме соодветно уште понеслични со Христос.

Затоа, треба да се сметаме себеси заслужни за уште поголемо зло од она што ни се случило, иако според нашите сили Бог педагошки допуштил само толку колку што можеме да поднесеме за едно не многу напорно вежбање.

Но, со таквата мисла за самите себе стекнуваме уште една предност: демонот не може да нѐ повреди со помисла која би одела под нивото на она што му е допуштено, а на кое ние претходно смирено сме се симнале.

 

Избор од фб профил на

Monika Nikolova

21.12.209 лето Господово