ВНАТРЕШЕН  и НАДВОРЕШЕН АВТОРИТЕТ

Најпрво би рекол дека онолку колку што ние христијаните се оддалечуваме од единствената Божја Литургија што нашиот Господ – Богочовекот Исус Христос, сѐ уште преку нас ја служи во овој свет и век, во Светиот Дух Господ, за спасение на човекот и на сѐ создадено, толку светот – во сите негови пројави, се одвојува, оддалечува од Црквата, па дури и станува наш непријател.

На пример, во текот на времето се одвојувале разните форми на државно уредување; се одвоила науката (посебно медицината, психологијата – психотерапијата); се одвоила севкупната култура; се одвоиле воспитанието и образованието; се одвоила етиката; се одвоиле разните човекови способности, вештини итн., итн. И не само што се одвоиле туку и се оддалечиле и станале наши јавни или тајни непријатели.

Како ние се оддалечуваме од Светотроичната Литургија? Сѐ помалку сме активни носители на новозаветното, есхатолошко, односно царско (кое продолжува и во Царството Небесно) свештенство, што го добиваме како дар при Светата Тајна Крштение. Сѐ помалку, значи, се оние меѓу нас што го актуелизираат ова царско и Христово свештенство преку очистување на срцето од страстите и просветлување на умот, односно сѐ помалку се оние чиј ум, привлечен од благодатта на Крштението, влегува во олтарот на своето срце и таму невидливо и нечујно учествува во единствената лично-соборна Божја Литургија.

Просто кажано, малку се оние од свештенството што денес автентично Го сведочат Христос во овој свет. Затоа и луѓето од овој свет на Црквата гледаат како на една обична световна институција во која малку што од своите суштински потреби можат да задоволат и, природно, организирањето на речиси сите свои потреби го прават надвор од, па и против Црквата – како што погоре реков.

Ова царско и новозаветно свештенство, кое никогаш не престанува и кое е внатрешно духовно покритие за свештеничките чинови со кои некои од нас и надворешно сме дарувани – преку Апостолското преемство, требаше да го негуваме во Црквата и според светоотечкото Предание од него да ги бираме нашите свештеници од најнискиот до највисокиот ранг. Само преку ова свештенство Бог го спасува светот.

Наместо тоа, ние пробуваме да го копираме светот и со истите (световни) методи и средства да му се спротивставиме. На пример: воспитанието и образованието на свештенството го одвоивме од единствената Божја Литургија, и наместо од неа да добиваме готови свештеници кои за Црквата ќе работат бесплатно – согласно Господовата заповед (види: Мат. 10, ), ние, по урнек на световното образование, своето свештенство го школуваме во посебни школи и од него правиме посебна каста со сите свои световни особености.



Затоа денешното свештенство, немајќи го внатрешниот авторитет на царското и новозаветно свештенство, автоматски почнува да создава еден надворешен, вештачки и световен авторитет − истиот оној што Богочовекот Христос го критикува кај старозаветното свештенство (види: Мат. 23, 1-39). Просто, сме станале верна копија на старозаветните Црква, храм и свештенство – во нивната изобличеност, со слични рестриктивни правила кон обичниот верник (сепак носител на царското свештенство) и со ист дух; и иако навидум му се спротивставуваме на овој свет, но користејќи ги сите негови методи и средства, какви што се: централизирана власт, економска моќ, световно образование, политичка моќ итн., само ја потврдуваме нашата длабока секуларизираност. Како што некој рече, вака организираните, т.н. канонски „Цркви“ само го подготвуваат патот и се одлична основа за доаѓањето на антихристот како религиски и световен владетел.



Митрополит Струмички Наум

 

Јули 2019 лето Господово