Уво не ми чуе... (28.04.2018 08:26)

Евангелското четиво од Неделата на раслабениот (види: Јован 5, 1–15) е полно со симболика.

            Постои симболика на Светото Крштение: бањата Витезда во која луѓето оздравувале од каква било болест и да боледувале, и колку и да била таа долготрајна и неизлечива. Постои симболика на возобновувањето на духовниот живот: ангел Господов ја раздвижуваше водата. Симболика на молитвениот однос на човекот кон Бог – што Го привлекува Бог: Исус, кога го виде како лежи и штом узна дека од многу години боледува, му одговара и го прашува дали сака да оздрави. Раслабениот човек нѐ симболизира сите нас, денес, кои сме освестиле дека сме духовно раслабени.

            Најпотресна, за мене, е симболиката за исконскиот крик на човекот во потрага по урнек на вистински Човек и човечност, преточена во само двата збора на раслабениот: немам човек!, како и симболиката на вистинското послушание до рушење на преградите меѓу словото и Духот на словото – А тој ден беше сабота. Поради тоа Јудејците му рекоа на исцелениот: „Сабота е и не треба да ја земаш својата постелка!“ Но, тој им одговори: „Оној што ме излекува, ми рече: Земи ја постелката своја и оди!“ (Јован 5, 9–11). Со други зборови: уво не ми чуе за вашето старозаветно учење!

            Јас би се задржал, сега, на само уште една симболика: на симболиката на крајот на Новиот Завет. И оваа симболика се сведува на само двата збора: немам човек.

            За симболиката на крајот на Новиот Завет и за близината на остварувањето на Царството Небесно ни говори светиот Апостол Павле: во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат среброљупци, горди, хулители, неблагодарни, неправедни, непомирливи, клеветници, невоздржливи, непослушни, предавници, повеќе сластољупци отколку богољупци, наизглед побожни, а од силата на Бог се одрекле. И од нив одвратувај се! (види: 2 Тим. 3, 1–5).

            Истото го потврдува и Богочовекот Христос во Своето Евангелие: Ќе слушате боеви и гласови за војни. Гледајте да не се уплашите, оти сето тоа треба да биде; ама тоа уште не е крајот. Зашто ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; и на места ќе има глад, помор и потреси; а сето тоа е почеток на болките. Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име. Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат, и еден со друг ќе се мразат; многу лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина; и бидејќи беззаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе се олади (види: Матеј 24, 3–12).

            Зборовите оладувањето на љубовта се еднозначни со зборовите немам човек. Тоа ќе биде главна карактеристика на последните времиња, чии знаци и денес ги гледаме. Сепак, „човек“ сè уште може да се најде.

            Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум

Извор: МПЦ-ОА