Радувај се и веселеи се граду Сионе, ликувај и радувај се Цркво божја: ете, Царот твој доаѓа во правда, седнат на осле, од младенците воспеван: Осана на висините, благословен си, Кој имаш безмерна милост, смилувај се на нас! (Јн. 12, 1-18)

Празникот на Влегувањето на нашиот Господ и Спасител во Ерусалим е настан кој изобилува со символи. Тоа ни зборува за исклучителната важност што тој ја има во евангелската историја. Настан предвесник на една надисториска драма. Во него се мешаат, радоста и тагата, свеченоста и едноставноста, небесното и земното, вечното и минливото, љубовта и суетата, верата и суеверието. Тагата заради страдањето и крстот, а радоста заради воскресението и победата над смртта. Искрената вера во чистите срца на повторно родените во Христа и суеверието на остарената од грев човечка природа која мигновено е восхитена од знаците и чудата на Спасителот. Полнота од образи и парадокси.

Најпрвин самото влегување во градот на мирот (ир-шалом), Ерусалим. Совршен во љубовта и во трпението, Богочовекот Христос, влегува во земниот Ерусалим и тоа е праобраз на Неговото чудесно и спасително влегување во мирот на обновениот Завет со човекот, во вечната заедница на Новиот, Небесниот Ерусалим. Тоа е градот на неговото страдание, градот на срамната смрт, градот кој го посака со ѕверски глас Неговото распнување. Но тој е и местото каде Господ ја објави својата слава, најавувајќи го своето повторно пришествие, изобразено преку повиците на младенците и радоста на луѓето, преку цвеќињата и палмовите лисја, преку наметките што децата и простиот народ ги постилаа по патеките по кои врвеше нивниот Цар и нивниот Месија, Оној што поучуваше дека сите се еднакви пред Судот божји.

Потоа, символот на зеленото гранче, на раззеленетата ветка, палмова или врбова, во рацете на верните, кој е символ на цврстата вера во вечниот живот, символ на Христовото воскресение кое се предвестува. Народот го дочека Господа Кој влегуваше во Ерусалим, седнат на осле, со торжествени повици, што му доликуваат на цар: Осана на висините, Слава на висините, благословен е Оној што доаѓа во името Господово, Царот Израилев! Оваа земна икона на Христовото второ доаѓање, икона на Светата Парусија, толку неслична и чудна и истовремено толку вистинита го колебаше тој ден древниот град. Веста дека Царот Израилев влегува во престолнината, беше подеднакво вознемирувачка за неговите жители, како што беше веста за неговото раѓање во ушите на Ирод. Едни поитаа од љубопитност, а други бидејќи разбраа за чудити во Витанија, за Лазаревото воскресение. Трети едноставно беа привлечени од вознемиреноста. Истите реакции кои и денес ги среќаваме во светот при споменот на Христовата мисија или на Христовите поуки. За верните, пак, и тогаш и сега, гласот за влегувањето на Месијата во Ерусалим е знак-почеток на исполнувањето на спасението. Почеток на крајот, т.е. совршување на Неговата искупителна мисија, и крај на почетокот, т.е. остварување на Неговата литургиска саможртвена мисија. Влегувањето на Месијата во Ерусалим е време на цветното воскресенско славословие на Црквата.

Во своето прво доаѓање, осветлено со тивката светлина на витлеемската ѕвезда, Тој дојде смирен и кроток и тоа смирение и кротост, тоа трпение и потполно истоштение, Тој го покажа и во оваа пригода: Царот Израилев, Царот над Царевите, Оној кој ги држи небото и земјата во својата десница, влегува во Ерусалим седејќи на смирено осле. Оној Кој ја има власта над семирните бездни и Кој им заповеда на ангелите и на природните стихии влегува во сионскиот атар јавајќи на чедо од бесловесна подјарменица. Ослето, пак, е символ на потполно трпение, на потполна послушност што Синот Божји ја покажа бивајќи Му во сé послушен на Отецот Небесен. Тоа е символ и на несфатливото истоштение (кенозис) што Спасителот го поднесе пролевајќи ја својата живототворна крв за искупување на расчовеченото од грев човештво. Токму затоа Царот на спасението влегува во Ерусалим во образот на потполна покорност за која пророкуваше богомудриот Захариј: Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен е и со спасувачка сила, кроток, седнат на осле, рожба на ослица. Тој не влегува со голема војска, не влегува со блесокот на оклопите и со украсени штитови, со навезани барјаци и бојни повици. Тој влегува седнат на осле. Ако се обидеме да си ја претставиме мислено таа глетка, првиот впечаток секако ќе ни биде нејзината необичност. Нејзината парадоксална надреалност. Како некаков нестварен театар. Како сон. Господ ја објавува својата слава имено со нејзината спротивност. Седнат на осле. А насобраниот народ и децата простосрдечно го поздравуваат со палмови гранчиња и штотуку расцутени цвеќиња, прославувајќи ја победата која е неопфатна со умот и невидлива за очите, а скриена за суетниот свет. За ова наоѓаме спомени и на едно друго место од Евангелието: Во тој час се возрадува Исус во Духот и рече: Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил ова од мудрите и разумните, а си го открил на простите. Така е, оти таква беше волјата Твоја. И уште подиректно кај псалмопевецот и пророкот Давид, зборови кои се однесуваат токму за празникот на палмовите гранчиња: Од устата на младенците и од оние што цицаат Ти си приготвил пофалба!

 

Во времето кога се раззеленува целата природа, во пролет, немиот глас на растенијата ја пејат победоносната химна на Христовото воскрсение. Ние, пак, словесните празникољубци ја прифаќаме празничната песна на сето создание, песната на небесните сфери и на ангелските сили, и земајќи зелени гранчиња во своите раце повторно и повторно го прославуваме Царот на Израилот, Царот над царевите, Царот на новиот Израил – Црквата божја, со истите зборови со коишто Го поздравуваа и луѓето во Ерусалим, тогаш, со зборовите: Осана на висините, благословен е Оној што доаѓа во името Господово, Царот Израилев!!!

 

Митрополит Методиј Златанов

Извор: http://pravoslavie.mk.

 

 

 

1-ви април 2018 лето Господово