09.04.2017 г. - Цветници
ЈОСИФ,
Митрополит Тетовско-гостиварски    

Возљубени празникољупци,    Денешниот празник, кој го носи полниот назив Влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим, а кој уште е познат и како Недела на палмите, Цветна пасха, Цветна недела, Цветно воскресение,
Цветници или Врбици е востановен во 4. век во Ерусалим, а во чест на царското влегување на Господ во градот на мирот.
За овој празник зборуваше и пророк Захарија: Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен и со спасувачка сила, кроток, седнат на осле, рожба на ослицата. Тогаш ќе ги истребам колите на Ефрема и коњите на Ерусалим, и ќе се скрши убојниот лак; и Он ќе објави мир на народите, и царството Негово ќе се протега од море до море и од реката до краиштата на земјата (Зах. 9, 9 – 10). А и Давид велеше за децата: Од устите на младенците и на доенчињата си си направил похвала.
    Овој празник, како што вели еден современ епископ на Црквата, е полнота од образи и парадокси. Во него се мешаат, радоста и тагата, свеченоста и едноставноста, небесното и земното, вечното и минливото, љубовта и суетата, верата и суеверието. Тагата заради страдањето и крстот, а радоста заради воскресението и победата над смртта. Искрената вера во чистите срца на повторно родените во Христа и суеверието на остарената од грев човечка природа која мигновено е восхитена од знаците и чудата на Спасителот. Нештедлива е Црквата во своите описи за славата и таинството на денешниот празник. Таа на разни места, пее: Царот над царевите и Господарот над господарите, неискажлив по Своето Божество и величие, на Кого со трепет гледаат дури и небесните воинства, ете, со колку големо смирение и со каква кроткост доаѓа! Оној Кој почива на неракотворен и страшен престол од светлозарни херувими и серафими и Кој со Трисветата песна непрестајно е славен, Тој сега смирено јава на осле, како обичен човек. И сето тоа за нам, луѓето, кои со своите гревови отпаднавме од Бога, да ни го врати загубеното царско достоинство.
    Но што точно се случи на денешниот празник, возљубени во Господа?  Евангелието ни раскажува дека шест денови пред еврејскиот празник Пасха, Господ Исус Христос бил во Витанија, каде што го извршил големото чудо на воскреснувањето на Лазар четвородневниот. Ова чудо на големо се разгласило меѓу Јудејците, а особено меѓу жителите на Ерусалим, бидејќи селото Витанија било многу блиску до Ерусалим. Многу од народот доаѓал во Витанија, за да го види и Исуса и воскреснатиот Лазар. Утредента, по чудото со воскресението, Христос тргнал за последен пат во Ерусалим. П него идело и мноштво народ – зашто тие во Него гледале голем пророк, силен на дело и на збор, но гледале и нешто друго. Имено, во тие дни наближувал најголемиот еврејски празник - Пасха и во Ерусалим, покрај ерусалимјаните, имало и Евреите од сите краишта на светот, кои дошле тука за да принесат благодарствени жртви во големиот Соломонов храм на нивниот најголем народен празник,. Самиот збор ’пасха‘ на еврејски јазик значи ’премин‘ и овој празник, всушност, претставува спомен за преминот на Евреите од ропство кон слобода, во времето на Мојсеј. Овој настан, покрај големото чудо што за нив го направил Бог, изведувајќи ги од раката на фараонот, бил и симбол на национална победа. Затоа кај нив толку силно се врежало световното сфаќање за Месијата. Така, очекувајќи Го, тие всушност во Него гледале земен Цар, Кој ќе ги ослободи од ропството на Римјаните и ќе ги направи направи милениумски народ-господар на земјата. Поведени од оваа идеја во сенародната меморија, голем дел од Евреите торжествено Го пречекале Христа токму како свој земен Цар, а не како духовен Цар.
     Најчисти во пречекувањето на Христа, несомнено, биле децата. Всушност, тие биле, научени од Светиот Дух, во слава и чест на Христа пред него ставале облеки и палмови гранки. Кај Евреите имало таков обичај -  победителите да бидат пречекувани и прославувани со палмови гранчиња. Народот го дочека Господа со торжествени повици, што му доликуваат на цар: Осана на висините, Слава на висините, благословен е Оној што доаѓа во името Господово, Царот Израилев! Зборот „Осана“ значи „Дај, спаси!“, „спаси“, „спасение“„слава“. Во 117 псалм „осана“ е преведен со: „О, Господи, спаси!“ (Пс. 117, 25)). „Осана“ го употребуваме секогаш кога ја пееме песната „Свет, Свет, Свет, Господ, полни се небесата и земјата со славата Твоја: oсана во висините благословен е оној кој доаѓа во името Господово, осана во висините!
А каков Го гледаме Христос? Како тој влегува во Ерусалим? Како што вели свети Климент Александриски – царското влегување се случува со најдлабоко смирение. Оној Кој и во тивката витлеемска ноќ, дојде смирен и кроток и тоа до потполно истоштение, и сега се покажува Ист: Царот Израилев, Царот над Царевите, Оној кој ги држи небото и земјата во Својата десница, влегува во Ерусалим седејќи на смирено осле. Ослето е симбол на потполно трпение, на потполната послушност што Синот Божји ја покажа Отецот Небесен. Ослето, исто така, нè претставува нас луѓето од незнабоштвото, на кои Христос ни стана Цар и Спасител.
Затоа, мили чеда, да направиме од себе Ерусалим, и да дочекаме во нас да влезе и да живее најсакопоцениот Гостин – Спасителот Христос. А тоа ќе го направиме трудејќи се со добри дела, а не со предавање на страстите, чин преку кој лицемерно ќе се откажеме од Него и ќе Го распнеме со нашите гревови.


Светата Литургија нека е на здравје и спасение!

Извор; Тетовско - гостиварска епархија