(Лк. 10, 25-37) Соборноста како суштинска нишка на нашата вера постојано го исправа пред нас прашањето: како се однесуваме кон нашите блиски, оние чиј живот е неразделно врзан со нашиот? Во таа релација се огледа и автентичноста на нашата лична побожност. Старецот Силуан вели: мојот брат е мојот живот. Моето спасение.

 

Во параболата за милостивиот Самарјанин Господ ни предочува два типа на побожност. Едната, побожноста на законикот, кој иако ги знае заповедите Божји, сепак Го искушува Спасителот; и втората, побожноста на анонимниот Самарјанин од параболата, кој не спомнува ниту јота од законот, но на дело го исполнува сето она што Бог ни го заповеда. Законикот наликува на оние кои ги знаат правилата и обичаите, но не ги исполнуваат, или ги исполнуваат само механички. Неговото знаење му служи за надмудрување, правдање и докажување на формалната религиозност. Тој го искушува Господ во знаењето на Законот, а пристапува нарекувајќи го Учител. Во таа противречност се разобличува добронамерноста на неговото прашање. Затоа и Спасителот му одговара со прашање, за да ни открие дека тоа што го прави законикот не од незнаење, туку од лукавство. Што е напишано во законот? – вели Тој, – Како читаш? Господ го употребува најпрецизниот збор. Тој не вели: „како веруваш, или како исповедаш, или како исполнуваш; туку само: како читаш“, сакајќи со тоа да покаже дека во формалната побожност фарисеите и закониците се робови на буквата од Законот. Само празното знаење е суета и мака за духот. Затоа Господ на друго место вели: Одете и научете се што значи: “Милост сакам, а не жртва!”(Мт. 9,13), повторувајќи ги зборовите од книгата на светиот пророк Осиј, кој вели: „Оти Јас сакам повеќе милост, а не жртва, и познавање на Бога, отколку жртва сепаленица“ (Осиј 6,6). Со колкава духовна полза ќе беше обдарен законикот ако навистина го познаеше Спасителот барем како Учител. Но, познанието на Бога е за оние што го очистиле своето срце.

Во знаењето на Божјите заповеди законикот е беспрекорен. Тој дури ја употребува и истата синтеза на Декалогот, како и самиот Господ Исус Христос во еден друг случај, кога, откако ги посрами садукеите, еден законик го запраша: „Учителе, која заповед е најголема во Законот?“ А Исус му одговори: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси! На тие две заповеди се крепат целиот Закон и Пророците“ (Мт. 22, 36-40). На чудесно истоветен начин во оваа прилика законикот одговара: „Возљуби Го Господа, Твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“

Суштината на Законот е во љубовта кон Бога, од која се учиме и на љубовта кон ближниот, кого треба да го љубиме, како што се љубиме себе си. Но, знаењето е ништо, ако тоа не се претвори во живот. Во дело. За тоа и Господ вели, дека блажени се оние, што ги слушаат зборовите Божји и ги исполнуваат!!! – Така Тој ѝ одговори и на жената која ги изрече пофалните зборови кон Богородица: Блажена е утробата, што Те носела и градите, од кои си се хранел!” А Он рече: Да, но блажени се и оние што го слушаат словото Божјо, и го пазат”(Лк.11,27-28). Пазењето, односно исполнувањето на законот на љубовта е начинот на кој стекнуваме живот вечен. Или поинаку кажано, дарот на вечниот живот е содржан во љубовта кон нашиот ближен. Нашиот ближен е нашиот вечен живот.

Параболата за добриот Самајранин

Параболата за добриот Самајранин

 Основниот проблем на законикот е тоа што тој го знае законот, но, сакајќи да се оправда, вели дека не знае кој е неговиот ближен. Нема поголемо измачување за човекот и поголем апсурд од тоа да има потреба да љуби, а да не знае кому таа љубов да ја упати. И Господ ја кажува приказната за штедроста на Самарјанинот, откривајќи ни дека секој што ја носи истата човечка природа како нас е достоен да биде љубен како што се љубиме себе си. Самата парабола, освен јасната морална поука, има и длабока сотириолошка конотација.

Патот од Ерусалим до Ерихон е тегобниот пат на севкупната човечка историја. Тоа е патот на Адамовото прогонство од Рајската градина во овој свет, во параболата символично претставен како пат од духовниот Ерусалим кон земниот Ерихон. Човекот во својот животен пат е нападнат од секакви искушенија и опасности. Разбојниците се демоните и непријателите Божји кои се обидуваат да ја расипат божестевната убавина во човекот, оставајќи го, како што се вели во приказната, во рани и полумртов. Единствен кој постапува милосрдно е еден туѓинец, човек од Самарија, кој во својата анонимност нé потсетува на зборовите на проокот Исаија кој вели: А родот негов кој ќе го објасни? (Иса. 53.8)

Самарјанинот е Господ Исус Христос, Кој доаѓа по старозаветните првосвештеници и левити, за да го спаси човечкиот род во свештената анафора на своето Тело и Крв. Маслото и виното се милосрдието и љубовта во крвта на Спасителот.Тој ги преврзува раните на човекот поразен од гревовните напасти, символично изобразувајќи ја Својата спасителна мисија, искажана повторно преку пророштовото на Исаија: Тој ги зеде на Себе нашите немоќи и ги понесе болестите (Иса. 53,.4). Се погрижи за несреќникот, го кажи на добитокот и го однесе во гостилницата, продолжувајќи ја грижата за него.

Гостилницата е Црквата – местото на нашето духовно лекување. Место безбедно од разбојништвото на демоните и поднебесните стихии. Некој можеби ќе праша зошто гостилница? Затоа што таа е за странци, а ние сме странци во овој свет. Нашата татковина е Небесниот Ерусалим. Ете, и во ова место за странци, Спасителот, преку своето милосрдие ни подготви сигурно место за духовно лекување и поправање.

Двата сребреника ја означуваат благодатта, двојната благодат (благодат врз благодат) со која сме дарувани од Спасителот, за што зборува и свети Јован Богослов: Јован сведочеше за Него и велеше зборувајќи: Овој е за Кого реков: Оној, Кој иде по мене, ме испревари, оти постоеше порано од мене! И од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат; зашто Законот беше даден преку Мојсеја, а благодатта и вистината произлегоа од Исуса Христа (Јн. 1, 15-17). Со други зборови, двата сребреника се Стариот и Новиот Завет, т.е. Библијата. Во нив ни се дадени сите откровенија до второто доаѓање на Спасителот.

Привременото заминување на Самарјанинот и ветувањето за неговото враќање е воскресението и вознесението на Спасителот и ветувањето за Неговото повторно доаѓање во слава.

На крајот од евангелското четиво Спасителот порчува на секому од нас: оди и ти прави така! – Заповедта за љубовта и нејзиното усрдно исполнување ќе нé збогати со изобилството на љубовта на ближните, а во идниот век ќе ни го даде и Царството Небесно.

Митрополит Методиј Златанов

„Каскади“

Извор: http://pravoslavie.mk.

Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/mojot-blizen/ .