Отец Методиј Златанов: Лазар и богатиот

8 ноември 2014 | Аскетика, Библистика, Современи автори | Нема коментари

(Лк 16,19-31)



Единственото нешто што јасно и експлицитно Господ ни го кажа за идниот живот, за Царството Небесно, е содржано во реченицата: Рајот и пеколот се внатре во вас. И тоа е сосема доволно, се разбира.

Сè друго, сите други откровенија, сите други сознанија коишто ги имаме за тој задгробен, т.е. оностран живот всушност се наравоученија, приказни и параболи, неслични подобија како и приказната за сиромавиот Лазар и за безимениот богаташ, којшто заради својата приврзаност кон светските задоволства толку се оддалечи од Бога, што дури ни името не му остана во спомен. Тоа секако упатува на она евангелско место каде што Спасителот им зборуваше на апостолите, сакајќи да им го покаже најважниот и најсуштествениот дар со којшто човекот е богоовенчан:  Еве, ви давам власт да настапувате на змии и скорпии, и на секаква непријателска сила; и ништо нема да ве повреди; но не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, а радувајте се, што имињата ваши се напишани на небесата! Името на богатиот остана ненапишано на небесата. Споменот на неговата слава и богатство изветвеа и исчезна со суетата на овој свет.

Лазар, пак, иако во целиот свој живот искуси ништо друг освен страданија и живееше во големи маки тој сепак не само што се престави во Царството Небесно, во прегратките на Авраама како што се вели во Евангелската парабола, туку и неговото име остана запаметено. А тоа е исклучително важно, зашто нема да погине ништо од човекот, што е принесено како просфора на олтарот на благочестието, ништо што е приврзано со боголиката љубов како нешто вечно и постојано. Заедница со Оној Кој е вечен и постојан. Токму затоа и името и трпението на овој човек, на сиромавиот Лазар, остана не само како символ, и не само како приказна, туку и како паметење, вечно траење во блаженото заедничарење со најслаткиот Христос.

Кажувајќи ја оваа парабола на Своите ученици, Господ ни зборува за тоа на кој начин ние самите го подготвуваме во нас нашето вечно пребивалиште, нашата вечна состојба, нашиот рај, или нашиот пекол. А тој процес на подготвување или изградување кој го исполнува целиот наш живот, не се состои во некои спектакуларни нешта, се состои во многу едноставни работи, во тоа колку навистина внимаваме на тоа што се случува внатре во нас и, подеднакво, на тоа што се случува околу нас. Дали кога ќе извршуваме некакви едноставни задолженија, ги правиме со внимание, со страв Божји, служејќи Му на живиот Бог. Дали кога се осенуваме со крсниот знамен тоа го правиме внимателно, со потполна восредоточеност. Кога се молиме дали навистина умот ни е целиот во Името на Живиот Бог. Дали кога некому нешто му подаваме, милостина, некаква помош или утеха, тоа го правиме со внимание, дали го правиме вистински давајќи Му го тоа и правејќи Му го тоа на Спасителот. Дали секој наш гест и секој наш труд е заради Христа. Ако со такво внимание живееме и ако со такво ревнување се однесуваме најпрвин со себе, а исто така и со другите, со ближните, тогаш го подготвуваме во себе нашето блаженство заради постојаната заедница со Бога, која започнува токму во тие навидум едноставни нешта.


Ликовите од оваа парабола, сирома000443-538x600виот Лазар и безимениот богаташ исто така можеме да ги прифатиме во нашиот секојдневен живот и како обрасци, како модели на однесување со кои ќе ја мериме секоја наша постапка. Не е тешко од една површна моралистичка позиција да го осудиме богатиот, да ги осудиме неговите дела, неговата заборавеност, неговата потреба постојано да угодува на своето тело, на своите потреби, или пак само психолошки да сочувствуваме со крајната беда на Лазара тука на земјата. Силна опомена за нас е преокупираноста на безимениот со својата саможивост дури и тогаш  кога беше во најтешките пеколни маки. Тој не побара прошка за себе, тој не се покаја за своите злодела, тој не се покаја за својата неосетливост кон страданието на својот ближен, тој побара повторно некакво угодување, побара да му се разлади јазикот, побара повторно нешто што би му било пријатно само нему, независно од есхатолошката состојба во која се наоѓа. Состојба неразделена од зависта заради блаженството на Лазара страдалникот.

Целиот наш живот често наликува на осцилација помеѓу овие две состојби, помеѓу состојба на постојано угодување на себеси и заборавање на Бога и во состојба на постојано страдание коешто ни ги отвора очите за Бога и за страданието на нашите ближни. Секој од нас во нашиот живот понекогаш е и безимениот богаташ, понекогаш е и смирениот и со страданија исполнет Лазар. Меѓутоа токму отварајќи си ги очите преку страданијата коишто Бог ги допушта за наше смирение и за наше поправање, треба без дремење да бдееме и да ревнуваме кон која страна тежнее нашиот живот. Дали кон страната на оние коишто сосема забораваат на Бога, не веруваат во Него, па дури ја отфрлаат и помислата дека Тој може да постои, или пак на оние кои постојано трудејќи се, грижејќи се за себе, за своето спасение, како и за спасението на своите ближни, чувствувајќи ги нивните потреби, нивните страданија, нивниот крст, живеат во труд не само за себе, туку и за спасение на целиот свет.

На самиот крај од оваа парабола, Нашиот Господ и Спасител, зборувајќи му преку устата на Авраама на безимениот богаташ, нè поучува сите нас. Тој вели: Ако Мојсеј и пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите тие нема да поверуваат. Тој тоа го зборуваше превосходно за Своето воскресение, но Тој Го зборуваше истото и воопшто за нашиот однос кон Неговото чудесно присуство во секој аспект на нашиот живот. Зашто навистина чудесно е дури да се помисли за Бога, а камоли да се искуси едно Негово чудо. Чудесно е и тоа што верата и мислата за Бога ни ја отвараат вечноста, ни го отвараат Царството Божјо. Сето она што видливо е толку едноставно, толку релативно и минливо, наеднаш станува апсолутно, станува совршено и вечнопостоечко. Тоа Тој ни го покажа и со крсната смрт и со сеспасителното воскресение. Собитие кое восхитува со својата едноставност и несфатливост во љубовта.

Зашто тоа навистина се случи. Богочовекот воскресна, а мнозина не поверуваа, и нивното неверие остана заробено, заљубено во минливите убавини на овој свет. Нашата ревност, нашата истрајна грижа се состои и во тоа да не роптаме неутешни заради сопствените страданија. Отфрлајќи го својот крст, да не го отфрлиме и спасението. Изворот на таквиот саможртвен етос е Господ, нашиот единствен образец во животот. Има смисла тоа што ќе потрпиме, има смисла тоа што ќе се грижиме за нашиот ближен, зашто во незалезниот ден тоа ќе биде нашата награда, нашата прегратка со Авраама, прегратка со живиот Бог во Царството Небесно. Амин!

Mитрополит Методиј Златанов

Извор:http://mistagogia.mk/vladika-metodij-zlatanov-lazar-i-bogatiot/