Св. Фотиј Велики

Денес, Дева Мајка се раѓа од една неплодна мајка и украсен е дворецот за доаѓањето на Господ Христос. Денес врските на неплодноста се скршени и дверите на Дева се оградени. Оти, како што неплодната утроба била мртва за намерите за зачнување, а сепак, спроти сите очекувања, изродила еден преубав плод, така и, со истиот знак, нетрулежното девство е заложено и чудото на Рождеството [Христово] е наговестено, со дела на очиглед на сите. Зашто раѓањето дете без вмешување на маж е натприродно чудо, како што е сочувањето на девството по раѓање. Друга личност која ги надминува законите на природата е бесплодната жена која зачнува на старост и раѓа.

И со сите [овие] чудесни настани што се случуваат, се најавува раѓањето на Дева. Денес Ана го бере плодот кој дојде од срамот на бездетноста и сиот свет слави со радост за стеблото од плод надвиснато. Јоаким е наречен татко на детето, а ние ја примаме честа на восиновување како залог… Девата се раѓа од неплодна утроба, но дури и да била плодна, рождеството пак би било чудесно. О, големо чудо! Штом времето на сеење поминало, тогаш жетвата дошла; штом огнот на похота згаснал, тогаш фитилот на зачнување бил запален. Младоста не донела цвет, туку староста из’ртела ластар. Не нараснала утробата кога природата била на врвот, туку едно секогашдевствено новороденче се појавило како младенче на стара утроба.

+ + +

Затоа, да запееме благодарни песни, оти Адам се пресоздава и Ева се обновува. А со ова, и клетвата е крената и нашата природа човечка, отфрлајќи ја мртвата кожа на гревовната маска, прима облик на својата древна чест на ликот Господов. Заедно да воспееме благодарствени песни и да се собереме, заедно, како едно, оти со доаѓањето на Дева од неплодна утроба, неплодноста на природата се осветува, на нејзината неплодност била накалемена многуплодноста на добродетелите… Лествицата што се издига кон небесата била изградена и природата човечка, надминувајќи ги своите граници, пребива во небесните пребивалишта. Престолот Господов е подготвен на земјата, земните ствари се осветени, легиони од небесните се мешаат со нас и Злиот, кој, на почетокот нè заблуди и стана началник на клеветата против нас, е поразен од сопствениот рог.

Кој може да ги искаже чудните дела Божји? Кои зборови може да ја изразат силата на нештата над зборовите? И како некој не би се здрвил, обидувајќи се да ја дофати големината на [овие] дела? Најпрвин, Бог ги создаде луѓето, оти беше поттикнат од неприопштиво изобилство на љубов кон нас, давајќи му на созданието благодат да ја носи силата и сликата на неговиот Создател, во достоинството на телото и духот. Рајот, најслаткото и најљубено нешто, беше насаден на Истокот, намирисан од цвеќето во градините и навистина преисполнет до преобилство со привлечни и најразлични плодови од дрвјата.

+ + +

Но, кој беше достоен да стане тајник на Тајната? Кој беше достоен да стане Мајка Божја и на Оној Кој вселената ја богати да Му позајми тело? Кој беше достоен? Се разбира, онаа која денес распупува на чудесен начин од неплодниот корен на Јоаким и Ана; онаа чие Пресветло Рождество го славиме и чие доаѓање означува почеток на чудото на највеликото Таинство, мислам на Рождеството по плот на Спасителот; онаа за која овој божествен и сеполн собор беше свикан. Оти, достојно и праведно беше онаа која своето тело во чистота го сочува од раѓањето, и душата и мислите во чистота ги пазеше, да биде одредена да биде мајка на Создателот. Достојно и праведно беше онаа која како младо дете во Храмот беше принесена и влезе во одаите неиспитани, да биде жив храм на Оној Кој душа ѝ подари.

+ + +

О, какво чудо! Оној Когошто целата природа не може да Го собере удобно се сместува во утробата на Дева. Оној, пред Кого херувимите и серафимите ги прекриваат очите, се гали во скутот на Дева, допрен од нејзините раце од земја. Од јаловата и неплодна утроба излезе Светата Гора [Дева] од која, откако скапоцениот аголен камен, Христос нашиот Бог, беше чудесно оформен, Тој ги уништи демонските храмови и царството на Адот со нивната тиранска власт.

+ + +

Но тебе, Дево и Мајко на Словото, наше искупиште и прибежиште, која во благоразумие беше носена од неплодна жена и која за нас, уште почудесно, Го роди житниот клас Кој живот дава, моли Го и биди ни застапница пред твојот Син и Бог наш за нас, кои ти пееме, за да бидеме очистени од ‘рѓата на секаква нечистотија. Направи нè достојни за небесната брачна одаја во која ќе се радуваме во вечниот покој, преосветлени од трисолнечната светлина на надсуштествената Троица, и ќе се предадеме во тајните и неискажливи глетки, по благодатта на Исус Христос нашиот Господ, Кому Му прилега слава и поклонение во вековите на вековите. Амин.

Извадок од Деветтата беседа на светиот Фотиј Велики, Архиепископ Константинополски

Извор: АГАПИ

 

21-ви септември, лето Господово2014