Помеѓу благодатното исчекување на слегувањето на Светиот Дух, од Пасхата Господова до славната Педесетница, Синот и Словото Божјо, Господ Исус Христос, ги радува Своите следбеници со уште едно таинствено собитие: Своето Вознесение на небото, толку суштествено за спасителното провидение за човештвото. Четириесет дена Он, воскреснат, им се јавувал на учениците, со Своето, сега веќе преобразено тело, чиешто место не овој трулежен свет, туку славата на седењето оддесно на Бога Отецот. Значи, после Неговото видливо присуство на земјата, сега Христос му отстапува место на Неговото таинствено и невидливо пребивање во Црквата, преку Светиот Дух. „Господ се вознесе на небото, за да му го испрати Утешителот на светот“. Јас вистината ви ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, зашто, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде кај вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам (Јован 16,7) – им рекол Спасителот на учениците пред Своето заминување.

„Славното Вознесение“, ќе каже нашиот Старец, Архимандрит Партениј, „е печат на Христовото обновувачко и обожувачко дело за човекот. Тоа е и настан во кој не само што се востановува паднатата човечка природа, ами Христос ја возведува неа до повозвишена состојба отколку што била таа пред падот на Адама. Сега, во личноста Христова, човечката природа е ипостасно соединета со Словото Божјо. И ете, таа наша природа е вознесена до самите предели на Божеството. Или како што учи великиот Григориј Палама, се остварува благодатно ’соединување‘ и ’смешување‘ на човечкото со Божественото. Создадената човечка природа и несоздаденото Божество, неспојливи по суштина, се сврзуваат преку нетварната Божја обожувачка енергија. Тој скапоцен дар од Бога за човекот, дар кој е воедно и крајната цел на нашето суштествување – обожението, му се дава на секој верен во Црквата Христова, по неизмерната милост Божја, а преку дејствувањето на Светиот Дух. Со Вознесението Господово и испраќањето на Светиот Дух во Црква, вратите на тој Божествен дар се отворени за секого. Потребна е само човечката доброволна синергија…“

За нас, присутните во бигорскиот храм, денешното свето богослужение, тајноводено од нашиот Старец Партениј, беше едно мистично искачување по Елеонската гора, гората на Вознесението, и еден мисловен взор упатен кон преслаткиот наш Спасител Христос, животот и радоста на душите наши.

Откако ја исполни промислата што беше за нас,

и земните ги соедини со небесните,

си се вознел во слава, Христе Боже наш,

никако не одделувајќи се, но пребивајќи неотстапен,

и викајќи кон оние што Те љубат:

„Јас сум со вас и никој – против вас“.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 Извор: Бигорски манастир

Повеќе...