Четирите завети на Свети Наум
– составено според предание –
Запис на светиот Владика Николај
Еден ден пред Божиќ, кога свети Наум ја беше завршил светата Литургија во манастирот и ги беше причестил монасите и народот, почувствувал дека му се приближува разделбата од овој свет. Гледајќи го монасите неговото бледо лице, од кое излегувала некоја блага светлина, почувствувале во своите срца дека наскоро мора да се разделат од својот духовен отец и учител. Поради тоа почнале многу да жалат и се свртувале настрана бришејќи ги солзите од своите очи.
Светиот отец гледајќи ја нивната тага и солзи, ги повикал сите монаси покрај себе во тремот пред црквата. Постарите монаси седнале, а помладите останале на нозе, сите заедно собрани околу нивниот духовен родител како пчели околу матицата своја. Тогаш светиот отец ги прашал со тивок глас:
– Зошто плачете, браќа мои? Зошто тагувате во овој час? Ние треба да се радуваме во овој последен час. Нели сите се причестивме со Светата Крв на Синот Божји, која нè соединува со Него и нè прави и нас Божји синови? Причеста нели ве побудува на веселба и пеење? Кога преку Светата Причест се соединивте со Живиот Бог, гревовите ваши ви се простени и вие сега сте светли и чисти и свети, слични на небесните ангели. Ме чуди од каде кај вас оваа тага наместо радост, и плачење наместо веселба?
Сите монаси замолчеле со наведнати глави, освен отец Илија, кој со плачење прозборел:
– О, свет и добар отец наш, прости ни! Не можеме доволно да се нагледаме на
твоето свето лице и да се наслушаме на твоите слатки зборови. Сакавме да ја сокриеме нашата тага и да ги проголтаме солзите, но знаеме дека од твојата проѕорливост ништо не може да се сокрие. Затоа, еве, отворено да кажеме за она што ти веќе со духот твој го читаш во нашите срца. Тагуваме, отец, бидејќи чувствуваме дека скоро ќе си одиш од нас. Твојата света душа ќе оди во рајот, а каде ќе одиме ние слаби и мали без тебе? Плачеме како сирачиња при разделбата со својот родител.
Кажувајќи го ова, старецот Илија ја фатил својата бела брада со двете раце и сиот се облил со солзи.
Се јавил и монахот Даниил, кој кршејќи ги своите раце извикал со сиот глас:
– Не оставај нè, сладок отец! Подобро ти сите нас да нè испратиш еден по еден, одошто ние тебе. Бидејќи ти си силен како голем даб на кој никакви ветришта ништо не му можат. Ти можеш да се одржиш и без нас. А ние сме како тенки-слаби трски, кои и на најмал ветар се вијат и кршат. Ние не можеме без тебе.
Тогаш сето братство уште повеќе почнало да пролева солзи и да плаче. Еден по еден почнале да му се приближуваат на светителот Божји, целивајќи му ја раката и оставајќи ги своите солзи на неговата риза.
Светителот едно време молчел со наведната глава – а во душата своја молитвено разговарал со Бог. Потоа ја подигнал главата и почнал благо да зборува:
– Не тагувајте, браќа, за мојата смрт, која, еве, се приближува, така што и вие ништо помалку од мене го чувствувате присуството на ангелот на смртта кој е пратен по мене. Мене смртта не ми е страшна, нека не ви биде ни вам. Јас не се плашам од смртта, но се плашам од она што ќе дојде по смртта. Се плашам од Божјиот Суд, пред кој секоја душа ќе биде изведена, па и мојата. Кога смртта е од Бог, таа е послатка и од мед, бидејќи Создателот наш добар нема ништо да ни даде и прати, а што нема да ни служи за наше добро. Јас сум гледал како мајка на своето родено дете му дава горчлив пелин за да му помине треската. Детето, не разбирајќи, мислејќи дека мајката му дава отров, почна плачејќи да ја удира по лицето и целото тело. А нашиот благ Создател повеќе нè сака и од нашата родена мајка; сè што ни дава и праќа Он, дали здравје или болест, било радост или жалост, било живот или смрт – сето тоа служи за наше добро и вечно спасение.
Или сте заборавиле, браќа мои, како ви зборував, дека ѕвездата патеводителка за монасите е сеќавањето на смртта? Монахот и се разликува од световните луѓе најмногу по своето размислување за смртта. Световните луѓе се заплеткуваат во самозалажување и светска суета, и од ден на ден очекуваат да најдат некоја среќа од овој свет и од луѓето, ни не помислувајќи на смртта сè додека не легнат болни на постела. А пак, монахот мисли на разделбата со овој свет и кога се разденува и кога се стемнува, и кога е здрав и кога е болен, и дење и ноќе, сè до последното издивнување. Еве, и мене ми доаѓа смртта, но не ненадејно, бидејќи ја чекам многу години, секој ден и секој час. Ја чекам не како непријател, но како пријател, според зборовите на богомудриот апостол Павле: „Но не се плашиме и сакаме што поскоро да го напуштиме телото и да отидеме кај Господ“ (2. Кор. 5, 8). Смртта доаѓа само да ја симне од мојата душа оваа телесна риза, ова месо и крв, оваа вода и овие коски – смртта сето тоа ќе го симне од мојата душа и ќе ја пушти како птица од кафез во слобода, да се вивне, по милоста на Семилостивиот и по вашите молитви, во небесните висини, во својата вистинска татковина, во прекрасните предели на вечната светлина и светиња.
Затоа ве молам, браќа, не тагувајте и не плачете заради мојата смрт, бидејќи вашата тага фрла сенка на мојата душа и ги раслабува вашите души. Значи, ако имате љубов кон мене и кон себе, престанете со тагување и плачење за да не ги навредите светите небеса Божји, кои утринава нè гледаат со своите многубројни очи; туку ако сакате искористете ги на некој подобар начин овие мигови додека сум уште со вас.
Од тие мудри зборови браќата се смириле, собирајќи го својот ум во себе, и бришејќи ги солзите од очите почнале, вдлабочени во себе, да размислуваат за сите зборови што им ги кажал отецот.
Најпосле станал еден млад монах по име Арсениј и, поклонувајќи се пред преподобниот отец, рекол:
– Отец Наум, благослови и јас, еден од младите и најнедостојниот од браќата, сакам да го искажам она што ми доаѓа од срцето. Ако е веќе Божја волја да нè оставиш, те молиме и те преколнуваме, не нè оставај без совети и поуки. Остави ни завет, свет отец, краток и јасен, кои ние прости и немоќни би можеле да го држиме за спасение на нашите души.
Овие зборови како да му биле угодни на отецот, бидејќи сите монаси забележале како му се разлеала некоја тивка радост по испостеното лице. Тој се прекрстил и почнал да беседи:
– Ќе ви оставам, браќа мои монаси, еден завет, навистина краток но јасен, по кој и јас бедниот се трудев да живеам и кој и вам може да ви биде од полза. Овој завет се состои само од четири збора, па може лесно да се научи и разбере. Четирите збора се: разбудување, покајание, очистување и причестување. Слушнете и запаметете ги, браќа мои, овие четири збора: РАЗБУДУВАЊЕ, ПОКАЈАНИЕ, ОЧИСТУВАЊЕ, ПРИЧЕСТУВАЊЕ.
Ова се четири скалила на патот на спасението; кој сака да биде совршен, мора да ги помине.
Првиот мој завет ви е разбудувањето.
Сè додека душата во телото греши, таа е успиена, па не знае ниту за себе ниту за Создателот свој. Таа е опиена од гревот како од опоен пијалок, и така опиена лежи во нашето тело како на болничка постела. Опиена и заспана, душата не знае за друго задоволство освен за она што доаѓа преку телото. Тоа што на телото му годи, исто така и нејзе ѝ годи; што на телото не му годи, ни нејзе не ѝ годи.
Таквата душа не ја води разумот, туку телото, а телото само по себе е слепа земја. И така слеп слепец води, додека и двајцата не паднат во смртна пропаст.
Затоа, монаси, разбудувањето на душата е почеток на спасението. Бог сака сите луѓе да се спасат и заради тоа Он дејствува прво на успиената душа да ја разбуди. Бог има многу начини на кои ги буди човечките души. Бог некого го буди со чудо, како што го разбуди Савле. Некого го буди преку сон, како праведниот Јосиф. Некого го буди со потресеност заради болест и смрт во семејството, како цар Давид. Некого го буди со избавување од неволја кога од никоја страна нема избавување. А некој пак, се буди кога во рацете ќе му дојде Светото Писмо и ќе почне да го чита. Додека, некој се буди кога случајно ќе слушне слово за Бог, и за душата, и за Страшниот Суд Божји кој доаѓа. Некој се буди гледајќи ги созданијата околу себе и сите чудеса на природата како дела Божји. Некој се буди во младоста, друг на зрела возраст, а трет во староста. А има и многу случаи кога некој се разбудува духовно дури на смртниот час, кога душата ќе се почувствува послободна од тежината и од телесната тиранија. Но блажени се оние кои рано се разбудуваат, тие се како ранобудници кои в зори стануваат и по цел ден будно мислат, гледаат и работат. А тие кои се будат во смртниот час се како мрзливци кои целиот ден го преспале и дури на зајдисонце ги отвориле очите и се запрашале: „Каде сме ние? Кој нè пратил нас? И зошто сме пратени овде?“ Блажени сте вие, монасите, бидејќи вие сте разбудени. Вие сте разбудени од гревовниот сон и отрезнети од телесното пијанство. Како разбудени, вие увидовте и почувствувавте дека телесните задоволства се горчливи и блуткави за разлика од возвишените духовни наслади. Тие духовни наслади вие ги пиете со полна чаша, и со нив душите свои ги храните, полевате и јакнете. Само пазете се да не отстапите од овие духовни наслади. Чувајте се да не паднете назад во телесните блуткавости и горчини, кои душата ја трујат, опиваат и успиваат, за на крајот да ја усмртат. Бидете будни непрестајно, чувајте стража непрестајно над самите себе. Будете се непрестајно и себеси и другите околу себе. Разбудувањето е прво правило на животот, прво скалило на патот на спасението. Разбудувањето, монаси, нека ви биде прв мој завет.
Кога ги изговори овие зборови, Божјиот светител застана да собере сила за да може и понатаму да зборува. Тогаш проговори старецот Илија, и рече:
– Твоите зборови, свет отец, паѓаат како мелем на нашите души. Секој твој збор е света вистина. Исповедам пред тебе и пред сите браќа дека и јас во светот долго време бев опиен од гревот и заспан. Но Севишниот ме разбуди со гром. Еден ден заврна дожд, и јас и мојот сосед се сокривме под едно големо дрво. Соседот беше многу голем хулник на светињата. Налутен од дождот, кажа некоја страшна пцост. Во тој миг загрми, пукна гром и го уби мојот сосед покрај мене. Јас останав жив. Тој настан ме разбуди како од мртов сон, и оттогаш јас почнав да се бојам од Бог и да си ја спасувам мојата грешна душа.
Повторно светителот Божји почна да зборува:
– Браќа мои, мојот втор завет ви е покајанието. Покајанието доаѓа веднаш по разбудувањето. Додека човекот не се разбуди од гревовниот сон, тој не може ни да се покае. Како што патникот не може да го направи вториот чекор, без претходно да го направи првиот. Кога некој спие до пладне, може ли тој да се покае за тоа што лежел толку долго и спиел, сè додека не се разбуди? Не, заспаниот не се кае, разбудениот се кае. Значи, во духовниот живот покајанието доаѓа по разбудувањето.
Покајанието има четири степени. Тоа може да биде: мало, средно, големо и совршено (евангелско). Незадоволството од себеси е мало покајание. Срамот од себе и од своите лоши дела и гревови е средно покајание. Гневот кон себе поради направените гревови е големо покајание. А да се мразиш самиот себе – тоа е совршено или евангелско покајание.
Никодим бил незадоволен од себеси. Грешниот Закхеј се срамел од себеси. Апостолот Петар одрекувајќи се од Господ, се гневел на себеси. А грешната жена која со солзи Му ги миела нозете на Спасителот, се мразела себеси.
Извор: ПРЕМИН бр.65-66
Е-пошта
1. Пратено од a.., на 17-07-2010 11:17 Mislam deka sledi prodolzuvanj,neli? 4 zaveta cekam.. |
|
- Ве молиме внесениот коментар нека се однесува на објавата.
- Коментарите со лични вербални напади нема да бидат објавени.
- Не користите коментари за рекламирање на вашата страна. Истите ќе бидат избришани.
- Само кликнете на *Refresh* копчето од вашиот прелистувач за нов безбедносен код.
| |