Духовност
Прашања до духовникот
Како да се спознаеш самиот?
| Како да се спознаеш самиот? |
|
|
|
Митрополит Антониј Сурошски
И така, ми се чини дека, ако погледнеме на себе со сета сериозност, веќе нема да можеме да кажеме: сето она што е добро, хармонично, прекрасно тоа сум јас; а сето друго тоа се само дамки, случајности коишто немаат ништо заедничко со мене, тие просто се прилепиле за моето тело... Всушност, тие не се прилепиле за телото, туку пуштиле корен во длабочината на нашето битие. Само што тоа нам не ни се допаѓа, и ние го обвинуваме кого ќе стасаме, или, пак, вината ја префрламе врз околностите во кои живееме. Колку пати сум слушнал на исповед: „Ете, тоа се сите мои гревови,“ по што покајникот застанува да земе здив (гревовите обично се исповедаат мошне брзо) и изнесува долго оправдување, докажувајќи дека во случај околностите во кои живее, а кои му се дадени од Бога, да биле малку поинакви, тој ќе немаше никаков грев. И кога понекогаш ќе ми кажат: „Јас, навистина, сум виновен, но што сакате вие? Јас имам тешта, имам зет, имам тоа и тоа, имам реума и артрит, ја преживеав руската револуција...“ и сл., не еднаш се случило кога човекот, кој ја завршил својата исповед, ја очекува молитвата за разрешување на гревовите да кажам: „За жал, но исповед тоа е помирување со Бога, а помирувањето е нешто што треба да дојде од двете страни. И така, пред да ви дадам разрешување во името на Бога, можете ли вие да кажете дека Му проштевате за сета штета, за сето зло што Тој ви го направил, за сите околности во кои Тој ве довел и поради кои не сте станале свет?“ На луѓето ова обично не им се допаѓа, но тоа е вистинито и е од суштинска важност: ние сме обврзани самите себеси да се прифатиме во целост, такви какви што сме. Ние не постапуваме добро ако сметаме дека сме она прекрасното, а дека за сето останато е виновен Бог (имено, виновникот најчесто е Бог, а не ѓаволот, зашто, всушност, Бог е Тој што треба да го спречи ѓаволот да прави зло во крајна линија, барем она зло што го прави спрема нас!).
Што треба да правиме? Може ли да се најде некаква инспирација, некаква поддршка во постапката којашто произлегува од тоа што го согледавме? Вториот момент го поткрепувам со зборовите на преподобниот Серафим Саровски, којшто велел дека е од суштинска важност да се согледаме во целост, односно да не го согледуваме само она што во нас е прекрасно, она што одговара на нашиот призив за вечен живот, туку, исто така, и сето останато. Зашто тоа што веќе му е созвучно на Христос, на Бога, тоа што веќе му припаѓа на Царството, во извесна смисла не претставува интерес за нас: важно е останатото без оглед дали е тоа пустина или густа шума да го претвориме во рајска градина. И тука, тргнувајќи од образот даден од преподобниот Серафим, би сакал да истакнам дека сме должни да се анализираме самите како материјал којшто Бог го дал во наши раце и од кој можеме да создадеме уметничко дело, нешто што ќе влезе како составен дел на Царството на хармонијата, убавината, вистината и животот. Во таа смисла во нас треба да постои истата прибраност, истата јаснотија на погледот, со кои располага и еден уметник. Уметничкото дело коешто еден уметник сака да го создаде, е условено од два фактора: од една страна, со замислата на уметникот, со тоа што тој сака да создаде; од друга со материјалот со кој располага. Вам ви е познато дека не можат да се направат исти дела од различен материјал: ако сакате да направите крст од слонова коска, нема да земете парче гранит; ако сакате да подигнете келтски крст, нема да почнете да го правите од грчки мермер, и сл. едноставно затоа што тоа, што сакате да го претставите, може да се искаже само во рамките на можностите на дадениот материјал. И така, доколку не сте безнадежно тврдоглави (безнадежно како за Бога, така и за самите себе и за другите), и ако во вашите раце имате некаков материјал, тогаш прашањето не е во тоа „како да направите мермер до слонова коска или гранит од крива гранка“; вие, едноставно, погледнувате на тој материјал и велите: „Какво уметничко дело може да произлезе од материјалот што го држам во рацете?“ Токму така треба да дејствуваме во нашиот внатрешен живот. Мораме да научиме да гледаме со разумен, со прониклив поглед, со што е можно поголем реализам, со најжив интерес во оној материјал којшто го имаме во рацете, зашто ние можеме да градиме само од тој материјал. Ако вие сте Петар, тогаш не сте Антониј, и што и да правите, нема да станете Антониј. Никој нема да бара од вас да бидете она што не сте, но може да побара да бидете тоа што сте. И тоа е суштинското нешто: ако не го земете целиот материјал, нема ништо да направите. Не си вообразувајте, занимавајќи се со утврдувањето на вашиот ум, на вашето восприемање, односно со половината од вашата индивидуалност, дека ќе можете да создадете цел хармоничен човек. Во одреден миг ќе забележите дека не можете да го направите тоа, но тогаш пред вас веќе ќе биде некакво чудовиште, некаква недовршена фигура, и големо количество неискористен материјал! И тука се потребни храброст и вера. Пред сè вера во онаа смисла, како што веќе реков, дека Бог ни дозволува да го видиме само она што можеме да го поднесеме; и храброст: нам воопшто не ни претставува задоволство да го видиме сето наше безобразие. Можеби се сеќавате на зборовите на св. Венсана де Пол пред огледалото, зборови коишт случајно ги слушнал неговиот татко кој во тој миг влегувал во собата: „Боже, јас сум премногу безобразен за луѓето, но можеби Ти ќе ме примиш таков каков што сум?“ Можеби за луѓето јас сум премногу безобразен, но Бог ме сака, инаку Тој не би ме повикал во постоење, не би го направил тој творечки, рискантен потег, повикувајќи ме во постоење токму мене и тоа не за одредено време, туку за вечност.
Од друга страна, ако сакаме да имаме одредени релации со луѓето околу нас, мораме да бидеме реални, а не фиктивни личности. Ние можеме еден со друг да имаме творечки осмислени односи само ако јас сум реален, и ако мојот собеседник, исто така, е реална личност. Таа реалност мора да го опфати целиот човек, тој не смее да се задоволи со делумна реалност, со реалност до извесна граница. Има еден мошне силен стих од Евтушенко, во кој тој опишува како ученикот гледа на наставникот. Тој го гледа и размислува: Што му е денес? Тој е некако чуден! Предава математика, а веќе направи две грешки при собирањето. А еве, сега му се скрши кредата и тој прекина да пишува и сè избриша, макар што ни рече да препишеме сè од таблата и така натаму. На крајот од стихотворбата го гледаме наставникот како заборава да си ги облече палтото и капата, и како излегува од училиштето; и последната фраза: „жената на наставникот си заминала од дома“. Ете ја ситуацијата: тој бил само наставник, но не и човек. Тоа е нашата ситуација во однос на другите, и ситуација во која ние ги поставуваме другите во однос на нас самите. Додека не ја смениме таквата ситуација, ние нема да станеме реалност, и другите, исто така, нема да бидат реалност за нас. Невозможно е да се сретнете со призрачно суштество, или со нешто што е уште помало од индивидуум, кој сепак претставува некаква реалност, макар и таа реалност да е болна, затворена, лишена од секаква ширина. Тоа важи и за односот спрема Бог, и за односот спрема луѓето, зашто ако ние го гледаме само наставникот, а не човекот, тогаш, пристапувајќи му на Бога, ние често собираме фрагменти од некакво знаење, од некакви сфаќања за Него, и застануваме да се молиме не пред живиот Бог, тук пред идол кого што сме го составиле од образи и поими, вистинити во онаа мера во која секој образ и секој поим соодветствува на нешто во Бога, но коишто стануваат пречка во оној миг, кога ќе си речеме: тоа е Бог.
Односот кон личност е совршено поинаква. Јас пред малку напоменав дека проблемот тука е сосема поинаков: работата не е во тоа да се видиме себеси како личност ние тоа не можеме да го постигнеме. Личност, персона тоа е она за што сме повикани да станеме, надминувајќи го индивидуумот којшто емпириски можеме да го набљудуваме во нас самите. Личноста може да биде откриена само во Оној, Кој ја познава, односно само во Бога. Во нас постои личност којашто е образ на Живиот Бог. Однадвор таквата личност изгледа како индивидуум. Еве една аналогија: ние сме слика на уметникот, слика којашто од столетие во столетие се реставрира, така што станала сосема непрепознатлива. Ние сме станале карикатура на образот Божји. Ако ја покажете сликата на некој добар познавач, тој внимателно ќе ја погледне и ќе каже: на овој портрет веѓата, дел од лицето несомнено се нацртани со раката на уметникот, а сето останато не. Тогаш, проучувајќи ја таа веѓа техниката, бојата, совршеното движење на четкицата со која е нацртана обидете се да ги симнувате, слој по слој, сите тие премази. Симнувајќи еден слој, ќе кажеме: овој слој е подлабок од претходниот, но сè уште не е насликан со раката на уметникот; тој слој е фалшив во однос на цртите на веѓата, со онаа палета на бои којашто, веќе без сомнение, му припаѓа на уметникот... И така постепено ќе успееме да ја очистиме сликата, да се вратиме кон праобразот ослободен од насобраните изобличености. Постојат други места, и ако сме доволно искрени, ќе кажеме: не, ова не е како што треба... Јас имам чесна парохијанка. Ги читав лекциите за заповедите за Блаженствата, по кои таа ми пријде и ми рече: Владико, ако вие тоа го нарекувате блаженство, нека ви биде. Да бидам гладен, промрзнат, оставен, прогонуван не ... И така, ако имате макар и четвртинка од нејзината искреност, ќе отфрлите три четвртини од Евангелието но јас сè уште не сум песимист.
Земете пример: Христос ни го открива повредениот, незаштитениот, победениот и затоа презрениот Бог. Да се има таков Бог е само по себе непријатно! А кога Тој уште ни вели: Јас ви дадов пример, а вие следете го, тогаш навистина можеме да кажеме „не“. Но, кажете го тоа. Забележете ги тие места; колку и да се ретки, тоа се местата во кои вие веќе се совпаѓате со Христос, места кадешто во портретот, покриен со мноштво слоеви, сте ја откриле раката на уметникот, островчиња на нијанси на првообразот. И тогаш имајте го на ум следново: во таа фраза, или во тој евангелски образ, истовремено сте пројавени и Христос и вие; и штом ќе го откриете тоа, веќе нема да ви биде потребно да се борите со својата природа за да можете што е можно повеќе да се доближите до евангелскиот дух; доволно ќе биде да ја следите својата природа, туку онаа вистинската, и не природата на лажниот образ, придодаден од надвор, туку на оние црти коишто се нацртани со раката на уметникот. Работата не е во тоа да постапувате спротивно на она што сакате да го направите (христијаните тоа често го нарекуваат „да бидеш добродетелен“: колку повеќе сакам да направам нешто, толку е подобродетелно да не го правам тоа), туку во тоа да кажете: еве едно, две места во коишто најдов што е тоа што во мене самиот е вистинско. Јас сакам самиот по себе да бидам највистинскиот образ... Направете така, и кога ќе го направете тоа внимателно, да бидете во радост и сè повеќе ќе станувате тоа што сте вие самите, и ќе забележите како се појавува друг светлосен зрак, друго, приступачно место, блиско, со неколку слова коишто ве поразуваат. Постепено портретот ќе се расчистува, ќе се појави една цртичка, понекое обоено место... И така ќе ве обземе сето Евангелие, но не како окупациска војска, којашто ве окупира со сила, туку преку дејство што ве ослободува, и како резултат на тоа дејство вие ќе станувате сè повеќе она што сте. И вие откривате дека да бидете тоа што сте, значи да бидете според образот на Оној Кој посакал да биде според нашиот образ, за да бидеме спасени и за да се промениме. И така, постојат два различни, но корелативни патишта на самоспознавањето: спознавањето на „јас“ на индивидуумот кој се потврдува себеси, кој самиот себеси се спротиставува, кој го отфрла и го негира другиот; она „јас“ коешто не сака да се види самото такво какво што е, зашто се срами и се плаш од своето безобразие; она „јас“ коешто никогаш не сака да биде реално, зашто да се биде реален значи да се застане пред судот Божји и пред судот човечки; она „јас“ коешто не сака да слуша што за него кажуваат луѓето и, уште повеќе, што за него вели Бог, словото Божјо. И, од друга страна личност којашто го наоѓа своето задоволство, својата полнота и својата радост единствено во откривањето на својот првообраз, совршениот образ на она што таа личност е, образ којшто ослободува, отвора образ што сè повеќе се открива и со самото тоа сè повеќе го уништува индивидуумот, сè додека од него веќе нема да остане ништо спротивно, ништо самопотврдно, туку ќе остане само личност ипостас којашто претставува однос. Личноста која секогаш била само состојба на љубов на оној којшто сака, и на оној којшто е сакан се пројавува ослободена од заробеништвото на индивидуумот и повторно влегува во онаа хармонија којашто претставува Божествена Љубов, Љубов којашто нè содржи сите нас и којашто се открива во секој од нас, како во втори светлини коишто зрачат околу себе Божја светлина.
Е-пошта
|
||||||||||
| < Претходно | Следно > |
|---|
| Дома |
| Духовност |
| Иконопис и фрескопис |
| Манастирски туризам |
| Наука, Култура |
| Нешто неформално |
| Премин Магазин |
| За Нас |
| Downloads |
| Галерии |
| Промоција на "{x} - невидливо бело". од Митрополит г. Мето... |
| sogoleno do srz, vo presr... |
| 21/11/08 20:43 Повеќе... |
| Од m |
| Промоција на "{x} - невидливо бело". од Митрополит г. Мето... |
| sila si duci :zzz :zzz ... |
| 21/11/08 20:41 Повеќе... |
| Од m |
| Божествена Литургија во Св. Спас, Скопје (16.11.2008) |
| zal mi e sto ne bev na t... |
| 21/11/08 20:30 Повеќе... |
| Од johnpaul |
| Мошти на св. Климент патуваат во Бугарија |
| дејствата на ... |
| 21/11/08 20:30 Повеќе... |
| Од стефан |
| Промоција на "{x} - невидливо бело". од Митрополит г. Мето... |
| Дуци беее, па ... |
| 21/11/08 15:40 Повеќе... |
| Од babuska |
![]() |
ФРЕСКОПИСУВАЊЕ НА ПАРАКЛИСОТ ФРЕСКОПУСУВАЊЕ НАДВОР ОД ОЛТАРОТ |