|
Цару небесен, Утешителу, Духу на вистината, Кој Си насекаде и се исполнуваш, Ризницо на блага и на живот Подателу, дојди, всели се во нас, очисти не од секаква скверност и спаси ги Благи, душите наши.
ГОСПОДОВА МОЛИТВА
Оче наш, Кој си на Небесата, да се свети името Твое, да дојде Царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата. Лебот наш насушен дај ни го денес и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници и не воведувај не во искушение, туку избави не од лукавиот.
СИМВОЛ НА ВЕРАТА
Верувам во Единиот Бог Отец, Седржител, Творец на небото и на земјата, и на се видливо и невидливо;
И во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји, Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови; Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, нестворен, единосуштен на Отецот, преку Кого се станало;
Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од небесата и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева, и стана човек;
И Кој беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат, и страдаше и беше погребeн;
И Кој воскресна во третиот ден, според Писмото;
И Кој се вознесе на небесата, и седи оддесно на Отецот;
И Кој пак ќе дојде со слава, за да им суди на живите и на мртвите, и Неговото царство не ќе има крај;
И во Светиот Дух, Господ, Кој живот твори, Кој исходи од Отецот, Kому Му се поклонувамеи Го славиме заедно со Отецот и синот, и Кој говорел преку пророците;
Во една света, соборна, и апостолска Црква;
Исповедам едно крштение, за простување на гревовите;
Го чекам воскресението на мртвите;
И животот во идниот век. Амин. ПСАЛМ 50-ти:
Смилувај се на мене, Боже, по Твојата голема милост, и по мноштвото на штедроста Твоја, очисти ме од безаконието мое. Најнапред измиј ме од моето безаконие и од гревот мој очисти ме. Зашто јас го знам моето безаконие и гревот мој секогаш е пред мене. Тебе единствено Ти згрешив и зло пред Тебе сторив, за да се оправдаш во зборовите Свои и да победиш кога ќе судиш. Ете, во безаконие сум зачнат и во грев ме роди мојата мајка. Ете, вистината си ја возљубил, и надумната и тајна премудрост си ми ја јавил. Пороси ме со исоп и ќе се очистам, измиј ме и побел од снег ќе бидам. Дај ми да слушам радост и веселба, да се зарадуваат коските скрушени. Одврати го лицето Твое од гревовите мои и сите мои безаконија избриши ги. Срце чисто, соѕидај во мене Боже и дух вистински обнови во утробата моја. Не отфрлај ме од лицето Твое и Духот Твој Свет не одземај Го од мене. Дај ми ја радоста на спасението Твое и со Дух Владичествен утврди ме. Ќе ги научам беззакониците на патиштата Твои, и нечестивите кон Тебе ќе се обратат. Избави ме од крв, Боже, Боже на моето спасение, ќе се зарадува јазикот мој на правдата Твоја. Господи, усните мои отвори ги и устата моја ќе ја објавува пофалбата Твоја. Зашто, да сакаше жртва ќе Ти ја принесев, сепаленици не благоволиш. Жртва за Бога е духот скрушен, срцето скрушено и смирено Бог не ќе го презре. По благоволението Свое, Господи, чини му добро на Сиона и нека се возвишат ѕидините ерусалимски. Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, приносите и сепалениците, тогаш на олтарот Твој ќе се полагаат телци.
УТРИНСКА МОЛИТВА на преподобен Филарет, митрополит московски, Чудотворец
Господи, дај ми мирно да го примам она што денешниов ден ми го носи и целосно да и се предадам на Твојата света волја. Упати ме и помогни ми во секој час од денов. Било каков глас да добијам, научи ме мирно да го примам и со цврста вера дека се е по Твојата света волја. Управувај со моите мисли, со моите сетила и со сите мои дела и зборови. Не допуштај во непредвиден случај да заборавам, дека се од Тебе доаѓа. Научи ме добро да се однесувам кон родителите и кон ближните, никого да не разгневам или оскрбам. Господи, дај ми сили да ја поднесам тежината на денешниов ден и се што во него ќе ми се случи. Управувај со мојата волја и научи ме да се молам, да верувам, да се надевам, да поднесувам, да проштевам и да љубам. Господи, дај ми да бидам орудие на Твојот мир, та таму каде што има омраза – да сеам љубов, каде што има осуда – проштевање, каде што има раздор – слога, каде што има очај – надеж, каде што има темнина – светлост, каде што има жалост – радост.
О, Божествен Учителу, нека не бидам утешуван, туку јас други да тешам. Нека не ме трпат мене, туку јас да имам трпение за сите. Не мене да ме љубат, туку јас сите да ги љубам. Зашто кога проштеваме, тогаш и нам ни се проштева; кога даваме, тогаш добиваме; а кога умираме, тогаш се раѓаме за вечен живот.
Свет Духу, помошник биди ми денешниов ден да Му Го посветам на мојот Господ и Спасител.
Господи Исусе, Сине Божји, поарно е да не се живее, отколку да се живее без Тебе и против Тебе. Ти благодарам Боже, за дарот на овој ден, и за секое добро кое ќе ми помогнеш денес да го сторам. Избави ме, милостив Боже, од желбата за самоугодување и удостој ме во секој миг да бидам подготвен, заради Тебе и заради ближниот свој, да се откажам од себеси, зашто за таа служба и си ми го дал животот. Помогни ми од себе да го отфрлам сето она што не е Твое, а она што е Твое да го примам во длабока вера, надеж и љубов. Дај ми ревност со која постојано ќе Ти служам; да ја поставам правдата над користа, да го поставам чинењето на благочестиви дела над минливите задоволства, да ги поставам другите над себеси, за да ја исполнам Твојата заповед на љубовта. Стори светлоста на Твојата убавина, добрина и љубов да заблескаат во мојава душа. Амин!
МОЛИТВА пред работа:
Господи, Исусе Христе, единороден Сину на беспочетниот Отец, Ти си рекол со Својата пречиста уста: “Без Мене не можете ништо да правите“.
Господи мој, Господи, верувам со сета своја душа и срце во она што си го рекол и и припаѓам на благоста Твоја. Помогни ми мене грешниот и ова дело од мене започнато, Сам Ти заврши го, во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!
МОЛИТВА по работа:
Ти си исполнување на сите добрини, Христе мој, - исполни ја со радост и веселие мојата душа и спаси ме, зашто си единствен Многумилостив.
МОЛИТВИ пред и по јадење:
пред ручек:
Оче наш, Кој си на Небесата, да се свети името Твое, да дојде Царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата. Лебот наш насушен дај ни го денес и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници и не воведувај не во искушение, туку избави не од лукавиот.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух; и сега, и секогаш и во сите векови. Амин! Господи помилуј! (три пати)
По молитвите на светите отци наши, Господи, Исусе Христе, Боже наш, помилуј не. Амин!
по ручек:
Ти благодариме Христе Боже наш, што не насити со Твоите земни блага; не лишувај не и од Твоето Небесно Царство, туку како што си дошол меѓу Своите ученици, Спасе, дарувајќи им мир, дојди и при нас и спаси не.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух; и сега, и секогаш и во сите векови. Амин! Господи помилуј! (три пати)
По молитвите на светите отци наши, Господи, Исусе Христе, Боже наш, помилуј не. Амин!
пред вечера:
Ќе јадат бедните и ќе се наситат, и ќе го прослават Господа Кого Го бараат; и живи ќе им бидат срцата во сите векови.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух; и сега, и секогаш и во сите векови. Амин! Господи помилуј! (три пати)
По молитвите на светите отци наши, Господи, Исусе Христе, Боже наш, помилуј не. Амин!
по вечера:
Утробата Твоја, Богородице, света трпеза стана на Лебот Небесен – Христос нашиот Бог. Секој што од Него јаде не умира, како што рече Хранителот на се.
Почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите, Бога Словото девствено што Го роди, Тебе вистинската Богородица, ние Те величаме.
Не развесели, Господи, со созданијата Свои и на делата на рацете Твои се зарадувавме. Светлоста на лицето Твое стана знак за нас, Господи. Во срцето веселие ни даде. Плодот на пченицата, виното и елејот ги умножи. Во мир ќе легнам и ќе заспијам зашто Сам Ти, Господи, во надеж ме засолни.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух; и сега, и секогаш и во сите векови. Амин! Господи помилуј! (три пати)
По молитвите на светите отци наши, Господи, Исусе Христе, Боже наш, помилуј не. Амин!
+++
Св.Јован Битолски
О голем угоднику Божји, Јоване Архиепископу Шангајски и Санфранциски! Уште додека си бил на земјата, си пројавил дар на чудотворство од Бога даден, заради помош на оние кои се во болест, неволја и тага, во умно растројство и телесна слабост.
Со огнената своја вера си ги восхитувал иноверците, со подвигот на постот и молитвата си ги истерувал силите демонски, ревнувајќи заради Христа си ја разобличувал лажната мудрост на овој свет, со своето смирение си достигнал висина на созерцание на Боженствените тајни, недостапни на страсното срце и умот. Стекнувајќи го Светиот Дух во Царството Небеско си влегол од каде и денес им помагаш на оние кои го бараат твоето молитвено застапништво.
Знаејќи за неискажливите дарови од Господа поверени заради твојата ревност и смирение, сесрдно ти се обраќаме како деца на својот драг и добар родител. Помоли се на Христа Спасителот наш да ни подари вера надеж и љубов: вера, за да веруваме цврсто и непоколебливо на преданието на Светите Отци откриено од Светиот Дух; надеж, за да се надеваме на победата на Царството Божјо над царството на злото и гревот; љубов, за да Го возљубиме Бога и ближниот свој со сето свое срце и сета своја душа, да не бидеме лицемерни, саможиви и самољубиви. Свети оче Јоване, помоли се на Христа Спасителот наш, да ни подари смирение и трпение: смирение, за да се смириме под силната рака Божја и да не си угодуваме себеси туку на Творецот и Промислителот наш; трпение, за да ги претрпиме до крај искушенијата и неволјите и така да се спасиме и да влеземе во Царството Божјо. Помоли се, свети архипастиру за сите болни, немоќни, раслабени и намачени. За сиромасите, вдовиците, децата без родители. Спомни ги во молитвите сите некрстени, за да се крстат, а сите заблудени и отпаднати од Црквата Православна да се вратат од туѓата земја на ересите и безбожјето, во домот на Отецот Небесен. Спомни си и за наркоманите, блудниците и пијаниците - нека и нив Господ по своето неизмерно човекољубие ги обрати на патот на правдата и спасението, на вистинскиот пат кон Животот вечен. Незаборавај ги и неродените деца кои мајките ги убија во утробите свои и не им дадоа да ја видат светлината на денот Божји; помоли се и за сите оние жени кои во своето безумие наумиле плодот свој да го пометнат - Преблагиот Господ да ги вразуми и од нивната злобна намера да ги одврати!
О свети Јоване, добар и мил наш владико, на крајот сети се и на нас недостојните и грешните, измоли ни од Царот Небесен време за покајание, нас неплодните и окаменетите да не не порази гневот Негов праведен, туку да се очистиме од гревот и страстите, да се измиеме со скрушеност и солзи и заедно со тебе да ја прославуваме Пресветата Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин!
Превод: З.П.
Посети: 4916
Е-пошта
1. Пратено од
Оваа адреса на е-пошта е зашититена од спем-ботови, потребно е да го вклучите Javascript-от за да ја погледнете
, на 19-08-2008 03:03 Edna mala molba da go nadopolnuvate molitvenikot periodicno..... ne znam dali se sekavam dobro no vo edni stari kalendarcinja imase molitvi za pred i po ucenje mnogu bi mi znacelo ako se objavat povtorno tuka |
2. Пратено од Маријан, на 20-08-2009 13:57 До Petranka Молитва за пред учење: (Слава Ти Боже Наш, Слава Ти!, молитва на Св. Троица) Преблаги Господи, испрати ни ја благодатта на Твојот Свет Дух, која ги просветува и укрепува нашите духовни сили, та да можеме внимателно да ја примаме науката што ни се предава за да бидеме достојни на Твојата Слава и на Твојата Света Црква. Амин. Молитва за после учење: (Слава Ти Боже Наш, Слава Ти!, молитва на Св. Троица) Ти Благодариме Создателу што не' удостои со Твојата милост внимателно да ја примаме науката што ни се предава. Спаси ги и помилуј нашите старешини, родители и учители кои не' водат кон познавање на вистината, а нам дарувај ни сила да можеме да го продолжиме полезното учење. Амин. |
|
- Ве молиме внесениот коментар нека се однесува на објавата.
- Коментарите со лични вербални напади нема да бидат објавени.
- Не користите коментари за рекламирање на вашата страна. Истите ќе бидат избришани.
- Само кликнете на *Refresh* копчето од вашиот прелистувач за нов безбедносен код.
| |