Автор: м-р Александар Спасеновски
Наспроти секогаш актуелните теми поврзани со политичките собитија во нашата татковина, како следна важна вест сè почесто стануваат теми поврзани со патолошката природа на некои наши сограѓани. Слично е и во државите од развиениот свет, кои, исто така, се обидуваат да се справат со споменатите, но и со други мрачни манифестации на некои нивни сограѓани. Во таа смисла, додека во Македонија ги броевме жртвите на педофилите, во Финска се броеја жртвите од крвавиот масакр во основното училиште. Додека на југот од Европа на телевизија ги гледавме местата каде што педофилите блудничеле врз својот „малолетен плен“, во северните краишта од Стариот Континент, тамошните граѓани на Интернет ја видоа најавата на младиот убиец за масакрот, кој потоа и го спроведе. Конечно, додека во Скопје јавноста дебатираше на кој начин заедницата да застане во одбрана на децата санкционирајќи ги педофилите, во Хелсинки се дебатираше за можните начини за справување со облиците на вооружено масакрирање на недолжни цивили од страна на личности со разни психолошки деформитети.
Зачестеноста на случаите на сексуална злоупотреба на малолетниците поттикна соодветна општествена дебата, која мора да резултира со заземање правилен став на нашата заедница кон овие нечовечки појави од кои се жести нацијата. Предлозите на невладините организации, партиите, како и на стручната јавност се основа која треба да ни помогне да изнајдеме правилно решение. Од друга страна, пак, примерот со масакрот во училиштето во Финска треба, исто така да нè поттикне на соодветни размислувања и дебати за да можеме на време да извлечеме корисна поука како да им пристапуваме на потенцијалните опасности кои ги носи новото време. Во секој случај, иако проблемите за кои пишуваме се повеќеслојни и впиваат различни елементи од биолошка, психолошка, медицинска или социјална природа, во оваа прилика ќе се осврнеме на еден од нив.
Според повеќе истражувања, секое наше дете до својата 14 годишна возраст преку медиумите ќе биде посреден сведок на 8.000 убиства и на 100.000 чинови на насилство. Од друга страна, околу половина од нашите граѓани користат сметачи, приближно толку редовно пристапуваат на Интернет, а огромното мнозинство од оние кои поседуваат сметачи ги користат и за видео игри. Следниот податок кој треба да ја комплетира нашата слика е дека 80% од приходите, индустријата за видео игри ги остварува од насилните, а само 20% од видео игрите со спортска или со забавна тематика.
Што можеме да заклучиме од споменатото?
Насилството е наше секојдневие, чиј интензитет и зачестеност кај традиционалните медиуми со задоволителен успех се почитува од нив самите, но и се контролира од страна на независни институции. Од друга страна, пак, традиционалните медиуми водат жестока конкурентска трка со новите медиуми, каде постои апсолутна слобода во пристапот на корисниците до информациите, односно не постојат апсолутно никакви ограничувања. Нашите врсници, деца или пријатели користејќи ги привилегиите на информатичкиот развој во сè поголема мера се заплиснати и од неговите негативни деривати, кои промовирајќи насилство и порнографија го разградуваат нивниот вредносен систем, односно вредносниот систем на нашата заедница. Заедницата, пак, слично како во првите години од нашата независност кога дел од нелегалните радиодифузери емитуваа што сакаа и кога сакаа, повторно стои настрана. Меѓутоа, таквата практика мора да се менува. Приказната за мечката која играше во дворот на соседот треба да нè мотивира да ја поттикнеме дебатата. За почеток, мораме да изградиме механизми со кои ќе ги заштитиме младите членови на нашата заедница од содржини штетни за нивниот морал добиени преку Интернет, притоа не доведувајќи го во прашање нашиот информатички напредок или слободниот пристап до информациите. Во меѓувреме, пак, треба да одговориме дали постојат соодветно оспособени сметачи за малолетници во средини каде што тие се движат, како што се училиштата или интернет кафулињата?! Дали имаме прифатено некои од светските системи за содржинско рангирање на забавниот софтвер или можеби имаме свој?! Дали на ЦД-ата кои ги купуваме од блиските продавници (на македонски јазик и кирилично писмо, како и на јазиците и писмото на заедниците) е нагласено со каква содржина се и за која возраст се пригодни, како што на нашите телевизии пред почетокот програмата јасно е нагласено за лица од која возраст се однесува истата?! Конечно, дали постои изграден механизам со кој ќе се санкционираат сите неодговорни поединци, кои пропуштаат да ги заштитуваат децата од содржини штетни за нивниот морал добиени преку новите медиуми?!
Македонија мора да се соочи со штетните деривати на новото време. Поучени од нашето минато невнимание и неискуство, влечејќи поуки од тажните настани во нашето поблиско и подалечно соседство, мораме со права вера на време да ги совладуваме аномалиите со кои се соочува нашето општество. За почеток, значајно е да ја отвориме дебатата и да покажеме силен интерес дека регулирањето на информациите добиени преку Интернет и новите медиуми се животно важни теми за нас. Споменатото, пак во контекст на секогаш актуелната историска битка како да изнајдеме начини прогресот многу повеќе да ни служи на нас, а не ние на него, односно како информатичкиот развој да биде многу повеќе еквивалентен на нашиот духовен развој, а многу помалку средство кое ќе ја забрза општата девалвација на вредностите, кои ги поседуваме и кон кои се стремиме.
Авторот е пратеник
Е-пошта
1. Пратено од Дуња, на 03-10-2008 11:31 Убаво срочен текст, за лошата човекова реалност.... Имено, вчера македонската јавност ја потресе уште едно горзоморно злосторство, каде мајка го искасапила и испекла својот син. Овој случај, како и тажите примери кои се наведени во текстот треба да се причина за брза акција на целото човештво, на сите заедници, организации, институции и поединци, кои можат да дадат придонес преку своите механизми. Потребно е преку заедничка акција сите да помогнеме љубовта и грижата за блиќниот да го победи злото и оразата. Се разбира улогата на нашата Света Црква во одвраќањето од гревот треба да биде најизразена. “Вистина ви велам, доколку сте го направиле тоа на еден од тие Мои најмали браќа, на Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 40). |
2. Пратено од Ахилеј, на 07-10-2008 04:10 Ненасилноста не би смеела да се толкува како попустливост и слабост, исто како што и насилството (без причина, само заради себеси) не треба да се зема за доблест. За да се заштити татковина, вера, живот, понекогаш се прифаќа (не се посега - ова е важна разлика) оружје, односно, на насилството мора да се одговори со отпор. Значи, обврзани сме да ги љубиме (и) непријателите - за да не помисли некој дека можеме да не си ги љубиме пријателите - во духовна смисла, велам, но обврзани сме и да се браниме, на секој (етички и морално) прифатлив начин. Дури и ако тое не изгледа убаво. За ова толку. Но ова е едновремено и добар почеток на темата за насилството - најпрво да научиме да се браниме од насилството во себеси, мислам на помислите и на една понекогаш замрсена психологија, па ќе научиме истото да го применуваме и надвор од нас. Веронауката е одличен пример за ова. А што се однесува до културата и уметноста (иако не сум точно сигурен што овие два збора денеска значат) - постои точно одреден систем на рангирање, или ратирање, на комерцијалните содржини со испревртен систем на вредности чија цел е да не... и кои ги нарекуваме ТВ програма, филмови, театарски представи, или како и да се веќе нарекуваат... концептот да се биде млад и отворен одамна пропадна, и тоа многу подлабоко од дното. Иако ќе се сретнете со луѓе на кои овој факт нема да им се допадне. Во сета Европа точно се знае (или барем во земјите кои сериозно ја земаат својата иднина) - што, кога и каде може да се види. И треба да се придржуваме до тоа, до тој систем (ESRB commision ratings, www.esrb.com е еден убав пример) - на општествен план, и во рамките на семсјството, секако. Но овде се случува судир меѓу интересите на едно општество (нашево денес) со - интересите на едно оптество. Нашево денес. Тука не мислам само на Македонија. Дали пополека принципот на леб и игри не излегува од контрола? Ако е така, кој (од нас) е за тоа виновен... например, дали сите точно знаеме кој е спомнатиот ESRB rating - скала за рангирање - на видео игрите кои ги играат нашите деца?! ...и пак се враќаме на основната тема, на прашањето на човековата волја за добро, желба да се промени или пак потреба да им се повладува на страстите... не е можно, да бидам вулгарен, откако ќе заспијат децата ние (кои имаме над 16, или над 18 години) со жар да уживаме во програмата НАМЕНЕТА И ОДОБРЕНА за нашата гледачка група, а тоа утредента да не се одрази на нив, иако тие и не седеле пред телевизорот. Овдека ќе завршам, ова е сепак само коментар, а ако дозволат уреднициве на сајтот (или, некои други, некаде и некогаш, ако овие не се сложат) - ќе има и текст на оваа, или некоја блиска тема. Оти, нели, теми има многу а време малку, всушност, секогаш е малку подоцна одошто мислиме дека е. |
|
- Ве молиме внесениот коментар нека се однесува на објавата.
- Коментарите со лични вербални напади нема да бидат објавени.
- Не користите коментари за рекламирање на вашата страна. Истите ќе бидат избришани.
- Само кликнете на *Refresh* копчето од вашиот прелистувач за нов безбедносен код.
| |