Епископ Велички Гаврил Светогорец
ЧУДО 20.
За Јован Кукузел
Во големиот град Лирахија имало едно момче, по име Јован, кое немало татко; мајка му, бидејќи била благочестива жена, го дала на учење. Тоа за кратко време научило многу и поради неговиот убав глас, го нарекле ангелогласен. Во тоа време царот барал добар певец и го нашле Јована, па го дале да учи музика за да стане добар певец. Тој за кусо време ги надминал сите свои соученици, поради што царот сакал да го ожени за некоја богата девојка. Но Јован кога видел дека сите се однесуваат со почит кон него поради царот, а и заради неговиот милозвучен глас, многу се уплашил да не падне во гордост, па да се оддалечи од Бога. Поради тоа барал погодна прилика да ја напушти таа средина. Тогаш се случило во царскиот дворец да дојде игуменот на светогорскиот манастир „Велика Лавра" по некаква работа, па откако ја свршил, си отишол во манастирот.
Јован кога го видел ангелскиот живот на игуменот, ја оставил славата и почестите, ја соблекол раскошната дворска облека и си ставил козинена, па зел во раката еден стап и отишол во Света Гора во манастирот „Лавра". Таму кога го видел вратарот на манастирот, го прашал од каде доаѓа и дали има некаков занает? Тој му рекол дека дома бил овчар и доаѓа овде да се замонаши. Вратарот му го кажал тоа на игуменот, кој многу се израдувал, бидејќи немал козар; го примиле и по малку време го замонашиле, па го испратиле во гората да ги пасе козите. Јован сакал да живее во тишина, па со радост ја прифатил таа работа и отишол со козите во гората, каде што непрестајно Му се молел на Бога и пеел духовни песни.
Царот многу се натажил поради неговото одење, па испратил луѓе да го бараат насекаде. Кога дошле во Света Гора, го виделе, но не можеле да го познаат онака облечен во козинена облека.
Еден ден, кога ги пасел козите, мислејќи дека никој нема да го виде и чуе, почнал да пее духовни песни. Меѓутоа, во близината имало пештера во која живеел еден испосник. Кога го чул тоа слатко пеење, зачуден излегол од пештерата, го видел пастирот кој пеел така убаво, а козите не паселе, но зачудени стоеле и гледале во него и се насладувале од неговиот ангелски глас.
Кога го видел тоа испосникот, отишол во манастирот и му кажал на игуменот. Тој испратил да го повикаат и му рекол: „Те заколнувам во живиот Бог да ми кажеш, ти ли си Јован Кукузел, кого царот толку многу го бара?" А тој му се поклонил на игуменот и со плачење го молел, велејќи: „Јас сум грешен и недостоен слуга, Ваше Преподобие, но молам заради Бога, оставете ме да ги пасам козите и да не разбере царот дека сум тука оти ќе ме земе од ова спасително место". Тогаш игуменот му рекол: „Не грижи се за тоа, чедо мое, но само слушај што ќе ти речам: биди во една ќелија, што ќе ти ја дадеме во манастирот, а јас ќе отидам ќај царот да го молам да те остави". И така, игуменот отишол кај царот, паднал на колена и му рекол: „Честити царе! Те молам да ослободиш еден човек заради неговото спасение". Царот прашал кој е тој човек, а игуменот одговорил: „Дури не ми дадеш написмено дека си го ослободил, нема да ти кажам кој е". Тој се согласил и му дал писмо за ослободување. Тогаш игуменот подробно му раскажал за Јована. Царот кога го чул тоа, од жалост се расплакал, но потоа се зарадувал, при помислата дека Јован напуштил толкава световна слава и отишол да си ја спасува душата. Потоа игуменот го поучил и го утешил царот, па се вратил во манастирот и им раскажал на браќата затој случај.
Блажениот Јован се ослободил од царевиот страв и Му слугувал на небесниот Цар. Потоа зел благослов од игуменот и во манастирот си направил мала црква и ќелија, посветена на светите ангели, каде што поминувал шест дена во седмицата, а во неделите и во празниците стоел на десната певница во соборната црква во манастирот и пеел со голема љубов и умиление.
Еднаш, во сабота, кога пеел акатистни песни на света Богородица, од умор задремал и ја видел пресвета Богородица, која му рекла: „Радувај се, Мое чедо, Јоване! Ти ми пееш и јас нема да те оставам". Тоа го кажала и му дала една жолтица. Кога се разбудил Јован, жолтицата му била во раката и тогаш со солзи и благодарил на Мајката Божја и оттогаш почнал повеќе да пее и да Го слави Бога. Од долгото стоење на нозе, едната нога му отекла, загноила и испуштала тешка миризба. Но добриот небесен Лекар го излекувал, како и свети Јован Дамаскин. Му се јавила света Богородица и му рекла: „Отсега биди здрав". Во тој час потполно оздравел и и благодарел на пресвета Богородица и до крајот на животот бил здрав. Амин.
(Продолжува)
Друго:
Е-пошта
1. Пратено од ристо, на 02-06-2008 12:08 Овој коментар немора да го објавувате драги браќа во Христа.Но незнам од каде и по кој случај е овдека “жилтицата“, ако е некоја симболика да се дообјасни да не би неуките разбрале дека Бог дели материјални богатства и тоа без труд.Оти се она што Бог ни го дава е повредно од секое материјално богатство и нетлено.Или пак житијата нека претрпат ревидирање.Инаку си ја валкаме чистата Вера која Милостивиот Бог ни ја подарил.Мирот Божји да биде со вас.Амин! |
2. Пратено од ристо, на 02-06-2008 12:48 Од ова житие многу можеме да научиме. Затоа Бог нас ни вели во посланието до Евреите 13,7 ....подражавајте ја верата нивна.Да ги имаме за пример ако сакаме да живееме свет живот, но немора буквално во се, затоа што Бог даде едни за учители,едни за апостоли едни за мирјани и тн.Бог во 1Кор.15,33 не учи дека “лошото друштво ги расипува добрите навики“(руски превод).Божјиот слуга Јован с`е остави,и другари и комшии и титули и удобен живот земен, тргна по Бога и спечали с`е.С`е вредно и нетлено.Ние кога треба да појдеме в црква или да прочитаме некоја духовна книга немаме време.Дојде другар ми,комшијата, сватот и кој ли не само да не оддвои (несвесно)од Бога.Дури некои пријатели и ни се атеисти а ние ќе се приврземе за нив,ако патиштата ни се различни.Да обрнеме внимание на нашиот однос кон Бога и кому чест чест кому атер атер но на Бога МОРАМЕ да му оддадеме Слава.Господи Исусе Христе по милоста твоја постоиме. |
|
- Ве молиме внесениот коментар нека се однесува на објавата.
- Коментарите со лични вербални напади нема да бидат објавени.
- Не користите коментари за рекламирање на вашата страна. Истите ќе бидат избришани.
- Само кликнете на *Refresh* копчето од вашиот прелистувач за нов безбедносен код.
| |