Дневен весник (Ед. бр. 24147)
Колумни

 

„Речник на човековата  душа“ e заеднички наслов на новиот  серијал колумни на Венко  Андоновски, што премиерно ги објавува „Нова Македонија“. Во нив Андоновски пишува за загубените вредности во лавиринтот на современото живеење

Се сеќавам на една оптичка илузија од детството. Седевме во некој воз што стои, со братучедите, на некоја железничка станица. До нас, на соседниот колосек стоеше уште еден воз, товарен. И, во еден момент, братучед ми извика: „Конечно, тргнавме!“ Но другиот братучед рече: „Не е точно, стоиме. Оној воз до нас се движи, ама наназад.“ Јас, исто така, бев убеден дека сме тргнале. Но според тоа што ништо во купето не се нишаше - беше јасно дека стоиме.

Години потоа ми се случуваше истото тоа, зашто редовно патував со воз. Ми стана јасно дека покрај оваа илузија, има и една друга: кога возот до тебе тргнува напред (во иста насока со тебе), а ти стоиш, се создава спротивната илузија: дека ти се враќаш назад. Така е и во животот на завидливиот човек: кога некој оди напред, нему му се чини дека самиот тој оди назад.

И двете илузии се идеална макета на времето во кое живееме, со години веќе, во таа наша илузија наречена „транзиција“. Кога нашите соседни држави ќе тргнат назад, ние го прогласуваме тоа за наше тргнување напред. Кога ќе ни кажат дека Македонија се искачила неколку места на некоја светска статистичка економска листа, тоа е резултат на тоа што други паднале пониско, а не на реално зголемување на нашата економија. Тоа, впрочем, го чувствуваме според нашите џебови, кои се непогрешлив „парометар“ (а не само параметар) за стандардот. Јас лично чувствувам веќе мачнина од таа илузија на одење напред, зашто реченицата „Подобри сме и од Хрватска“ не значи ништо друго освен дека Хрватска калирала во таа област во која сме ние „подобри“. Чувствувам мачнина и затоа што таа илузија се сведува на простата народна филозофија „не јас да имам, туку соседот да нема“, или „да му умре козата на соседот, а мене да ми се окози козата“. Тоа е истото она со возовите. Треба некој дебело да пропадне, за мојата пропаст да изгледа како победа.

Тоа значи дека иако влеговме во некаков период на транзиција, кој се доживува како пат кон цивилизациските придобивки и вредности на современа Европа и современиот глобализиран свет, ние и натаму се однесуваме ИЛУЗИОНИ­СТИЧКИ. Ние сме шампиони на илузијата на напредокот, и тоа го применуваме во сите полиња на нашите животи: ако еден научник успее да го спречи научното достигнување на друг научник, го смета тоа за свој научен растеж; ако еден моќен писател во реално опаѓање спречи неколку млади талентирани колеги што му се сериозна конкуренција, неговото просечно дело ќе изгледа сјајно. А што друго, ве молам, прават и партиите? Се натпреваруваат во тоа да докажат дека опонентот оди во рикверц, за да произведат кај гласачите ефект дека тие одат напред. Пропаста на едната партија значи растеж на другата. Тоа е истата филозофија - морам од тебе да направам минус, за мојата нула да изгледа - плус! Крајната можност е - ако се елиминираат и карантинираат најспособните (а денес најлесно се лепат етикети на луѓе како „неподобни“), дури и моите мани ќе бидат прогласени за доблести!

Некој ќе рече - тоа отсекогаш постоело, тоа е односот Моцарт - Салиери, во кој Салиери, како просечен мора да го елиминира генијалниот Моцарт, за неговата просечност да стане - генијалност. Но тоа не е исто со нашево. Во култниот филм на Форман, Салиери приватно го елиминира Моцарт, без лостови на политичката моќ. Нашиот, македонски и балкански рецепт, веќе подразбира државна промоција и стратегија на салиеризмот. И не само тоа, туку негова ИНДУСТРИЈАЛИЗАЦИЈА и КОМЕРЦИЈА­ЛИЗАЦИЈА. Таа филозофија на лажниот напредок станува главен бизнис на денешницата. Еве пример: ако некој ве врзе за стол и слушате 24 часа српски турбофолк со реченицата „Ти си без мене мртав“ како главна поетска поента, потоа песните на Бора Чорба ќе ви изгледаат како песни на Ханс Магнус Енценсбергер, а Ѓорѓе Балашевиќ ќе ви биде Хајне. И иако и двајцата се добри, и ги сакам и Чорба и Балашевиќ, сепак тие РЕАЛНО НЕ СЕ ниту Енценсбергер ниту Хајне. А бидејќи младите не знаат веќе за Енценсбергер или Хајне, тие попрво ќе купат диск од Чорба одошто книга од Хајне.

Таа филозофија на спуштање на критериумите, спуштање на пречката, за да можат и „средните“ да прескокнат метар во височина, е наш аксиолошки балкански специјалитет, сите овие транзициски години. Тоа е начин да им се помогне на интелектуално хендикепираните и неталентираните (небаре се малцинство кому му требаат еднакви права со другите, а всушност отсекогаш биле мнозинство), преку државната стратегија на спуштање на вредностите и пречките. Таа погубна филозофија, здушно поддржувана од двете политички опции во Македонија низ сите овие години, и левата и десната, и македонската и албанската, нè доведе до ова дереџе. Затоа и ни бегаат најспособните. Рака на срце, бегаат многу повеќе неспособните, ама и тоа е резултат на истиот вредносен галиматијас, зашто неспособните денес први се сметаат за најспособни. Најспособните бегаат затоа што ако за светски рекорд овде се прогласува скок со стап во височина од 1 метар, а тие скокаат над 2, овде нема ни да ги пуштат да скокаат, за да можат недугавите да скокнат метар, метар и пет, метар и десет - и да бидат шампиони. Нема да им дадат работа на оние што скокаат над 2 метра, и тие ќе си заминат. Просто како македонски парламент.

Во сите аспекти на животот ни се случуваат таа диверзија и перверзија. Сите вистинољубиви академски граѓани ќе признаат дека денешната факултетска „десетка“ некогаш беше „осумка“, денешната „деветка“ некогаш беше „седумка“, „осумката“ - „шестка“. И затоа, кога со ваква група студенти ќе дојде да полага некој што со своето знаење ја заслужува некогашната десетка, сите од групата во него ќе гледаат непријател. Ако тој влезе прв на испит, сите што очекувале десет, ќе добијат осум, а оние што очекувале седум, ќе паднат! Затоа, најдобро е да го излажат дека испитот е одложен, па да го пратат по бурек. А најлесно е, ако имаат политичка моќ и своја партиска „ќелија“ (оф, доброволни слепци во политички зандани), да го прогласат за политички неподобен. Тоа е повторно ин, во мода! Таа мода никако да излезе од мода...

Така, излегува дека ние ниското го прогласивме за средно, средното за високо, па затоа за високото сега нема место во општеството. Тоа е непожелно, се прогонува и карантинира. Медиокритетството (средината) стана врв, а шљамот стана средина (просек). Тоа само значи дека се отвори простор за нов шљам, за нова кал, пониска од претходната. На балканските општествени сцени, за таа епидемија на простотилак има многу конкуренти: од естрадни ѕвезди што личат на деформирани морални и физичко-„естетски“ дизајни (пластични операции на душата и телото), до риалити шоу-емисии во кои поимот на естетски највисокото, врвот на сите врвови на убавината го исполнува тајно „уловен“ генитален контакт меѓу учесниците во емисијата. Сепак, во таа нова кал има најмногу неуспешни интелектуално-политички антроподизајни.

Софокле и Аристотел се превртуваат во гробот со нивното „трагично“, за кое сметаа дека е највисок поим за „високото“. Сфаќаат дека денес трагичното не е високо, туку ниско. Толку ниско, што веќе и не е трагично. Комично е. А најсмешно е што тоа комично се однесува сериозно. Многу сериозно. И сериозно ви вели: „Дај, снижи се малку, да бидам поголем“. Ваше е дали ќе послушате.

 Извор: Нова Македонија

18.09.2017 15:30
1001

Венко Андоновски

Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.