Епископ диоклиски Калистос Вер
Монашкиот живот-света тајна на љубовта
Монаштвото и бракот се, во извесен смисол две раце на Црквата

    
Искајте го најправо Царството Небесно! (Мат.6,38)
Ангелите се светлина  на монасите, а монашкиот живот е светлина на сите луѓе.
(Св. Јован Лествичник)


1. Делови едни на други

Од ближниот ни доаѓа животот и од ближниот ни доаѓа смртта, вели светиот Антониј Велики.

Кој не знае дека човекот е општествено битие, битие кое живее во куќа, а не осамено и диво животно? Бидејќи, нема ништо покарактеристично за нашата природа од општењето на едни со други и љубовта кон сопстевениот вид, додава светиот Василиј Велики. А светиот Јован Лествичник ни ја претставува сликата на вистинскиот монах: тој плаче за гревовите на секој од браќата, а се радува на напредокот на секого од нив.

Во зборовите на овие тројца најголеми учители на монашкиот живот на христијанскиот Исток пронаоѓаме доследно нагласено учење за неопходноста на љубовта меѓу луѓето. Сите тројца потврдуваат дека ние како човечки битија, сме делови едни на други. Човекот, живо битие создадено по слика на Троичниот Бог, не станува вистинска личност само преку дружење со другите, туку со тоа што ги усвојува нивните радости и болки, гледа со нивните очи и чувствува со нивното срце. Оваа вистина се однесува како на монахот или монахињата, така на оженетиот христијанин или омажената христијанка. Монашкото повлекување од надворешниот свет ниту еден момент не значи одрекување на потполната одговорност за него. Монашкото одрекување е само навидум негација, додека всушност е сосем позитивен став кон светот и животот. Монахот се одрекува за да прими. Ништо помалку одошто мајката или таткото на семејството, ништо помалку одошто занаетчијата, лекарот или општествениот работник, тој има желба да придонесе за преобразба на светот. Затоа монашкот живот е, исто како и бракот, света тајна на љубовта (Павел Евдокимов).

 Монаштвото јасно го определува свети Василиј Велики нарекувајќи го едноставно- живот по Евангелието. Монахот или монахињата (бидејќи се што говорам се однесува подеднакво на мажот или на жената) не е ништо друго туку автентичен христијанин. Тоа е некој кој до збор го прифаќа Евангелието или некој кој кој е апсолутно верен на Светото Писмо. Не е случајно што чинот на монашкиот потстриг е многу близок и сличен на светата тајна на крштението. Монашките завети се обновување на заветите на крштението. Прав монах е оној кој во потполност ја доживува смртта Христова и Неговото Воскресение, чиј што заедничар станал со крштението. Сите крстени луѓе, било да се монаси било да живеат во светот, треба да одговорат на истиот повик на Евангелието. Надворешните услови на нивниот одговор можат да бидат различни, но патот во суштина е еден.

 Ако монаштвото е живот според Евангелието, тогаш, тоа е-живот во љубов. Тоа е исполнување на двете најголеми евангелски заповести-да се љуби својот Господ Бог со сето свое битие и ближниот како самиот себе (Мат.22,37-39).

2.  Антониј и Пахомиј , сведоци на љубовта

Ако го земеме во обзир начинот на кој свети Антониј, родоначалникот на отшелниците (осаменик, монах кој живее осмено, анахорет, еремит), и свети Пахомиј, основачот на првиот општожителен манастир (кинонија, каде што монасите живеат во заедница), го чуле призивот Божји и одговориле на него, многу јасно ќе ја согледаме основната тема за љубовта спрема Бога и спрема ближниот.

Како момче на свои дваесет години Антониј го слушал една недела читањето на светото Евангелие. Притоа ги чул и зборовите: Ако сакаш да бидеш совршен, продај се што имаш и раздели го на сиромасите....,па ајде по мене (Мат.19,21). Овие зборови ги изменија неговиот живот. Ги слушнал како да биле прв пат изговорени и упатени директно нему. Ја прифатил заповедта Христова буквално: разделил сè што имал и се посветил на аскетски молитвен живот, повлекувајќи се се повеќе во осаменоста на пустината за да може да биде сам со Бога. Ако сакаш да бидеш совршен... Неговата жед за совршенство и неговото богољубие беше така незадржливо, апсолутно и бескомпромисно, така што тој би се одрекол од сè, ради љубовта Божја.

И Пахомиј имал дваесет години кога прв пат го чул повикот од Бога. Тој во тоа време уште бил незнабожец. Кога бил повикан на воена служба, бил одведен заедно со останатите регрути, покрај Нил до Александрија. Преку ноќ ги затворија во локалниот затвор-веројатно за да им оневозможат да избегаат. Но, кога падна ноќта, христијаните од тоа место почнаа да им носат храна и пијалоци. Пахомиј праша кои би можеле да бидат тие неочекувани посетители. Така прв пат слушна за името христијани. Искреното сострадување на христијаните со измачените млади војници на него остави огромен впечаток, па тој на лице место одлучи да стане христјанин штом ќе биде отпуштен од воената служба. Истата ноќ се обрати кон Бога со оваа молитва: Боже! Ако ме ослободиш од сегашните искушенија, ќе ја слушам вољата Твоја во сите денови на мојот живот: ќе ги сакам сите луѓе и ќе им служам, по Твоите заповеди.Го одржал ветувањето. По неколку месеци, откако бил ослободен од војската , се крстил и во исто време на себе го зел аскетскиот подвиг. Неговото обраќање во христијанство е воедно и обраќање во монаштво. Ќе ги сакам сите луѓе и ќе им служам.... Верен на идеалот на сострадалната љубов, која му ја откри неговиот прв допир со христијаните, не го одбра животот на отшелник како Антониј, туку основа заедница во која ќе може да ја изразува својата љубов, делејќи зло и добро со браќата и живеејќи во секојдневна взаемна помош. По духот на меѓу- себната љубов на браќата манастирот треба да биде слика на првата апостолска заедница во Ерусалим, во која на христијаните сè им беше заедничко.(Дела ап. 2,44-45)


3. Татковство, гостопримство, молитва

Во призивот на двајцата зачетници на монаштвото преовладува, како што гледаме љубовта. Кон Бога и спрема ближниот. Но тука остануваат извесни тешкотии. Не била ли нивната љубов премногу ограничена? Во желба за совршенство, Антониј се одрекува од дружењето со сите на себе слични и бега во пустина. Немало ли егоизам во таквот чин? Пахомиј пак, во тежнеењето за служење на луѓето, се потчинува на потребите на своите браќа монаси. Меѓутоа, не бил ли опсегот на неговата љубов премногу тесен? Што со љубовта спрема надворешниот свет?

Одогворот во двата случаи е еден. Повлеченоста на Антониј не траела доживотно. По триесет години молитвено самување и подвижничко тихување, тој почнува да прифаќа ученици и да прима посетители. Во текот на следните пеесет години од неговиот живот, реки од монаси и луѓе ја пронаоѓаат неговата ќелија во пустината. По зборовите на неговиот биограф, свети Антониј Велики станува лекар на цел Египет-дури и императорот му се обраќа. Му доаѓаат илјади и илјади луѓе со прашањето: Отче кажи ни слово: како да се спасиме? И не си заминувале со празни раце. Преку долгите години поминати во осаменичка молитва, Антониј беше стекнал добродетел. Затоа секој негов одговор била реч која извира од молитвената тишина.  Наспроти краткоста на изразот, неговото слово се откривало како слово на снага и исцеление. Всушност не ги лечел човечките души со збор туку со својата појава и присуство. Се раскажува како некои три монаси го посетувале секоја година. Двајцата од нив поставувале многобројни прашања, а третиот мирно си седел, ништо не прашувајќи. После повеќе такви посети, тој се сврте накај оној третиот со зборовите: Ти доаѓаш ваму веќе толку пати, а никогаш ништо не си ме прашал. Оче –одоговори монахот, мене ми е доволно кога те гледам. Ете така, пустиникот, свети Антониј, ја изразувал својата љубов низ директно пастирско служење. Тој е прототип на водечките духовни личности од историјата на источното монаштво, позанти како благодатни старци, односно опитни духовни водачи. Значи во духовното очинство ја наоѓаме, суштината на монашкото служење на општеството, видливиот придонес на монасите кон преобрзувањето на човечкиот живот. Мислата водителка кај мнозина монаси во текот на времето-на пр. свети Бенедикт во Италија, свети Сава во Палестина, свети Сергеј и свети Серафим во Русија и други-била иста како и кај свети Антониј: бекство во желба за враќање. Монахот се повлекува во осаменост, но, подоцна ја отвара вратата на светот од кој некогаш побегнал. Службата на духовното татковство останува и денес исто онолку важна како што била и во минатото. Тоа многу добро се гледа кога ќе се разгледа денешниот препород на монашкиот живот на Света Гора.

Според традицијата на свети Пахомиј монасите му служат на општеството непосредно. Со настанокот на општожителните манастири гостопримството е земено како дел од секојдневниот живот. Се сеќавам на отец Гаврил, старешината на манастирот Дионисијат на Света Гора, кој ми кажуваше колку монасите грешат што се се жалат дека имаат многу посетители. Гостите не се јарем туку привилегија , ми велеше. Тој сметаше дека манастирските приходи, колку и да се, треба да се делат на три делови: еден дел за одржување на зградите во манастирот, еден за храна и облека на монасите, а еден за потребите на посетителите. Така кругот на монашката љубов никогаш не е затворен бидејќи секогаш останува место за странците, намерниците и прогонетите. А Христос ни порачува: Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, мене сте Ми го направиле...(Мат.25,40).Според зборовите на Свети Бенедикт, гостинот треба да биде прифатен како Христос. Кога примаме гости, говори ава Аполос во Изреките на пусинските Отци, треба да клекнеме пред нив бидејќи не им  се поклонуваме ним туку на самиот Бог преку нив. Тука треба да си спомнеме и на Аврааамовото гостопримство.

Оне монашки братства кои крај себе немаат некој облагодатен старец можат да ги лекуваат и водат ближните барем со она што ќе ги прифатат извесно време како гости и ќе ги држат во духовна прегратка на христијанската и монашката присност и братољубие. Сопружниците кои на тој начин ќе поминат некое време како поклоници и гости во монашка средина, можат да се вратат на своето домашно огниште и на вообичаената работа со нова надеж и ново внатрешно единство, бидејќи зеле учество во молитвата и работата на монасите. Молитвата и работата  и го чинат инаку кругот на монашкиот живот,  кој е омеѓен со ѕвонењето на ѕвоната и клепањето во клепало... Во случај на вакво гостување целиот манастир се однесува као старец, како духовник. Така секој манастир дејствува какао квасец за целокупното општество, образувајќи оаза на апостолка збратименост во светот во кој владее осаменост и бесомачно расне непријателството меѓу луѓето.

Но, нашиот одговор на недоумиците сеуште не е потполн. Во секое поколение на монаси-отшелници мал е бројот на оние кои ќе станат старци-богопросветлени духовни водачи и учители на народот Божји. Дали тоа значи дека останатие пустиници не му послужиле на светот? Дека тие не му пружаат никаква духовна помош на човештвото? Колку и да е значајно служењето преку духовното татковство и гостопримство, сеуште не го спомнавме основниот начин на кој монахот го потпомага преобразувањето на членовите на Црквата и општеството. Во еден од најстарите монашки текстови се зборува за некој млад монах, кој обземен со црно очајание, му приоѓа на својот духовен отец со овие зборови: Оче што да правам? Помислите ме мачат говорејќи ми: Ти во ништо не покажуваш никаков напредок ниту некој има било каква корист од тебе; оди си одовде!  Старецот на тоа му одговара:  Кажи им на твоите помисли: Поради љубовта Христова јас ги чувам ѕидовите!

Јас ги чувам ѕидовите!...Монасите се како некои стражари на бедемите кои ги штитат останатите членови на Црквата.- Јас ги чувам ѕидовите!...Од кого? Првите монаси имале прецизен одговор: од демоните како единствени непријатели на човештвото. Повлекувајќи се во пустина, монахот всушност влегува во подрачје запоседнато од страна на демоните за тука да може, среде непријателската сила, да ја превземе борбата против злото и Злиот. Преку таа борба-воколку пустината се разбере како посед на исконскиот узурпатор, ѓаволот-тој му ја прави најголемата можна услуга на целиот свет. Меѓутоа можеби ќе се запрашаме: каде денес, во нашиот современ свет и живот  се наоѓа пустината-во ненаселените области на планетата или во градот? И уште: со какво оружје светот денес ги брани бедемите од нападите на демонските сили? Монашката традиција, на својот специфичен начин, повторно одговара: со оружјето на молитвата.

Ова е всушност најзначајниот начин  на кој монахот му служи на светот. Не му служи по надворешните дела на милосрдие или знаење, ниту првенствено со гостопримство или духовен совет, туку со своето внатрешно дејствување – молитвата. Монахот ја изразува љубовта пред сè со молитва. Неговата молитва е всушност неговата љубов. Тој му служи на ближниот молејќи се. Не му служи само со својата прозбена молитва или со молитвата на искање од Бога туку со својот севкупен  молитвен живот, без обзир дали се работи за покајнички молитви, молитвено славословие или пак молитвено тихување. Кога свети Теодор Студит вели: Монасите се темелот на Црквата, очигледно е дека го има на ум молитвеното монашко служење. Би било најточно ако  кажеме вака: бидејќи се моли, монахот не е одвоен од светот, макар и колку неговата надворешна изолација оддава таков впечаток. Бидејќи молитвата, иако може да биде внатрешна и лична, никогаш  не е осамена.

Оној кој врши вистинска и жива молитва секогаш се моли како член на Единственото Тело на Црквата, во единство со сите други кои се молат. Уште повеќе, христијанинот кој се моли всушност се наоѓа во единство со целото човештво, без разлика дали тоа се моли или не. Секоја молитва е заедничка и космичка. Тоа најнапред значи за т.н. Исусова молитва. Таа гласи: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме (смилувај се на мене), а многумина го исговараат нејзиниот завршен дел во множина–помилуј нас. Но и при употребата на еднина (помилуј ме или помилуј ме мене грешниот/та) се подразбира множина (помилуј нас), иако тоа не е видливо во зборовите кои се произнесуваат. Молитвеното призивање на Господа не би било искрено кога човекот би се молел само за себе. Така монахот во својата молитва, по зборовите на Евагриј Понтиски, е одвоен од сите и соединет со сите.  Можеме само да замислиме за каква длабинска нераздвојност тука се работи! Молитвата е динамична;  таа е преобразителна сила и тогаш кога останува потполно скриена.  Можеби во сочувувањето на мирот во нашето поколение повеќе допринеле непрестајните молитви на некој монах или монахиња, потполно незбележани од надворешниот свет, отколку сите политичари и дипломати колку и да ги има. Можеби пустиниците приведуваат кон Христа повеќе луѓе отколку било кој црковен писател или проповедник, колку и да е речит. Стекни внатрешен мир, говореше свети Серафим Саровски и илјадници луѓе околу тебе ќе најдат спасение.  Ако некои луѓе станат чисти молитвеници (значи навидум некорисни), тие ја преобразуваат вселената со самото свое постоење и присуство, пишува фрнцускиот православен теолог Оливие Клеман. А да се стане молитвеник-тоа всушност е монашкиот призив!

Монахот е молитвено присутен. Тој не му помага на светот со секојдневната динамика. Неговиот придонес не во тоа што работи туку во тоа што е. Со други зборови, тој станувајќи жива молитвена личност, го преобразува светот со тоа што се преобразува самиот. Во текот на целата историја на Црквата монасите често биле жива илустрација на следниот парадокс: повеќе од сите други современици придонесуваат кон општеството како целина токму оние луѓе кои одбиваат да предвидуваат и организираат и кои не бараат ништо да детерминираат. Како што изгледа, најдобар начин да се помогне на ближниот е, човек едноставно се заврти кон Бога со неизмерна љубов. Монахот не оди по тоа да го обрати светот туку себеси да се обрати кон Бога. Но, што помалку тежнее да го преобрати светот, со тоа уште повеќе, себеси преобразувајќи се, му пружа и на светот околу себе шанса да се преобрази.

Погледнете го прозорот-рекол еднаш Ченг Цу. –Тој не е ништо друго од отвор во ѕидот. Но благодарејќи нему целата соба е полна со светлина. Така исто и кога сите наши способности ќе се испразнат, срцето ни останува полно со светлина. А со самото тоа што е исполнето со светлина, тоа на таинстван начин зрачи и на луѓето околу нас и тихо ги преобразува.Монахот вусшност и е отвор на ѕидот, низ кој поминува нетварната светлина Господова. Испразнувајќи го своето срце и не оставајќи во него ништо освен молитва, тој станува прозор и за Црквата и за целиот свет.

4. Пророци на второто Христово доаѓање

 Монахот е присуство и знак-или, уште поодредено, сведоштво и сведок-на новата твар, односно Царството на идниот век, кое на извесен начин е веќе присутно  меѓу нас. Тој е во некоја рака, веќе на земјата граѓанин на небото и собеседник на ангелите. Христијанството од самиот почеток било аскетска религија. Зошто тогаш монаштвото како институција внатре во Црквата се издвоило дури во четвртиот век, на некои тристотини години по Христовото Воскресение?  И од каде тоа развојот на монаштвото да се поклопува со времето на крштението римскиот цар Константин, а неговиот процут со времето на признавањето на христијанството како државна религија?  Очигледно е дека постои некакава врска меѓу овие случувања. Суштината на таа врска е во следното: монасите се маченици во времето кога нема веќе крвави гонења и мачеништва во крв. Монаштвото се појавува како начело на рамнотежата во христијанството. Имено, во време кога Црквата била во опасност да го помеша царевото и божјото, монасите извршиле пророчка, дури есхатолошка, мисија–ги потсетиле христијаните на богооткриената вистина дека Царството Божјо не е од овој свет. Потсетувањето на оваа вистина и ден денес го сочинува постојаниот монашки призив во лоното на Црквата. Духовниот став на монахот е во суштина став на надевање. Монахот е, според светиот Исак Сирин, оној кој сите денови на својот живот ќе ги помине во пост и покајание, за да достигне осветување и обожување на својата личност. Со крштевањето, сите христијани ја чинат есхатолошката заедница и веќе учествуваат во случувањата на идниот век. Но монахот, благодарение на своето аскетско одвојување од световната врева и благодарение на непрестаната молитва, овие тајни ги доживува на исклучителен начин. Тој е сведок на осмиот ден.

 Одрекувајќи се од бракот, тој однапред ја усвојува состојбата на човештвото по воскресението на мртвите, кога никој повеќе нема да се жени ниту мажи туку сите ќе живеат како ангели на небото ( според Мар. 12,25). Како што вели свети Григориј Палама, монасите се пророци и гласници на второто Христово доаѓање. Како што старозаветните пророци го предвиделе првото Христово доаѓање и Воплотувањето, така монасите во лоното на новозаветната Црква го најавуваат Второто доаѓање, и тоа не со зборови  туку со сопствениот живот. Сите христијани се странци и патници тука и сега (Евр.11,13): патуваат кон есхатонот, кон завршната полнота на Откровението на Царството Божјо за време на второто и страшно доаѓање Христово и со лице се завртени кон идниот Небесен град. Меѓутоа мнозинство од луѓето се преокупирани со второстепени вредности: со својот маж или жена, со подигање на деца, со лечење на болни, со помагање на сиромаси и натажени....Монахот пак, по самиот свој повик и призив, нема второстепени преокуации. Узор му е Марија, сестрата на Лазар и Марта, која се грижела само за единственото, и тоа за она кое е единствено на потреба (Лук.10,14). Тој живее само за еден идеал и со таа единствена ориентација го потсетува сиот народ Божји каде треба да оди. Оттаму монаштвото со самото свое присуство во Црквата ја чува вистинската христијанска свест и совест која сите треба да ја следат.

5. Два патишта-потврден и одречен

 Исклучиво есхатолошката ориентација на монаштвото ни овозможува појасно да го разбереме односот помеѓу животот во брак и монашкиот живот. Обата овие начини на живот взаемно се дополнуваат и едно со друго  врамнотежуваат два богословски методи или патишта–т.н. апофатички (одречен, негативен) пат и катафатички (потврден,позитивен) пат. Катафатичкиот пат, т.е богословскиот метод на потврдување, афирмација, сака да го покаже присуството на Бога, Творецот на сè, во Неговиот свет-во сите личности, во сите нешта, во сите символи. Дотолку пак апофатичкиот пат, односно богословскиот метод на одрекување, негација, сака да укаже на непремостливата суштинска различност помеѓу Творецот и тварите, на недостапноста и неизразливоста на таинствената суштина на Божјото Битие за секоја личност, за секоја твар. Обата патишта водат кон познание на Живиот Бог, едниот со потсредство на светот како Божјо создание, а другиот непосредно, но и обата се неопходни за здраво и врамнотежено богословие. Пренагласувањето на на било кој од двата, а особено отфрлањето на едниот во име не другиот, ја нарушува богословската рамнотежа и ја доведува во опасност самата Вистина на Отковението Божјо. Така тоталната катафатичка теологија, губејќи го сознанието за Бога како на Тајна над тајните, ризикува да се сруши во идолопоклонство, во обожување на созданието наместо Творецот, додека апофатичката теологија, инсистирајќи само на Тајната, притоа заборавајќи на нејзиното Откровение во Христа, може да се претвори во своевиден теолошки и гносеолошки нихилизам.

 Како претходните размислувања можат да се применат на бракот и монаштвото? Еве како! И едното и другото е света тајна на љубовта, изразена на катафатички начин (потврден) начин во бракот, а на апофатички (одречен) начин во монашкото живеење. Во катафатичката или символичка теологија Божествениот Прототип е како што видовме, достижен низ својата икона, низ светот. Исто така мажот и жената ја изразуваат својата љубов кон Бога и низ својата меѓусебна љубов. Стори Господи ние двајцата, љубејќи се еден со друг, да бидеме во состојба да Те љубиме Тебе, единствениот Бог!-тоа е молитвата со која тие се обраќаат на Господа. За разлика од овој пат во доживувањето на љубовта како на света тајна Божја, иконата во монаштвото, како и во апофатичкото богословие, е оставена на страна, така да љубовта кон Бога се изразува непосредно, а не преку сликата на Љубениот, и тоа пред лицето на Него Самиот и без присуство на некое друго битие. И како што споменатите два патишта се дополнуваат во богословието, така овие два облици на љубов взаемно се дополнуваат и врамнотежуваат. Обата се вистински израз на сеопштото царско свештенство на крстените луѓе, обата и се потребни на Црквата и еден без друг не се разбирливи. За тоа пишува Павел Евдокимов: Најдобриот, а по своја прилика и единствениот начин да го продлабочиме своето сознание за вредноста на бракот е да го разбереме монаштвото во неговата полнота. Исто така  монахот може да го увиди значењето на своето лично одрекување кога ќе го согледа бракот како извор на Божја благодат и пат кон достигнување на полнотата на животот по Бога и во Бога.

 Постојат луѓе кои паѓаат во искушение едниот начин на христијанскиот живот едноставно да го спротистават на другиот и да кажат како аскетизмот и целомудреноста претставуваат одлики на монашката етика, додека љубовта е какрактеристика исклучиво на бракот. Меѓутоа, бракот и монаштвото не можат да се посматраат како две спротивности. И брачните другари како и монасите се повикани да одат по тесниот пат-патот на подвигот, постот и одрекувањето. Доколку монасите се маченици, ништо друго не може да се каже ниту за брачниот пар, како што сведочи и употребата на венците, символите на мачеништвото и песните во чест на светите маченици на венчанието. Совршената љубов секогаш е распната љубов. Ниту девството треба да се свати како нешто разбиено, половично и непотполно, туку како целовито искуство и доживување на полнотата. Тоа го покажува и изразот целомудреност (грчки:σωφροσύνη; во превод би значело: целосност на умот или здравоумност), со кои духовните писатели ја означуваат чедноста или девственоста. Според тоа, целомудреноста или чедноста (т.е. непорочноста) е духовен квалитет кој може да се поседува и во бракот, а не само во безбрачниот живот. Со еден збор, бракот на еден друг начин ги носи истите духовни плодови како и монаштвото.

 Со  усвојувањето на монашките завети на сиромаштвото, целомудреноста и послушноста стекнуваме потполна слобода во својата љубов кон Бога и ближниот. Таа слобода е неопходана и на оние кои живеат во брак. Всушност не постои поделба на христијаните на два вида на личности-на монах и на ״световен човек״.И монахот и хистијанинот кој живее во брак вложуваат подеднаков напор да ја потврдат и прослават длабинската добрина и убавина на секоја твар Божја, како и човечкото тело. Монахот не се одрекува од бракот затоа што го смета за состојба на грев туку затоа што е призван својата љубов кон Бога да ја изрази на еден друг начин.  И монахот и христијанинот кој живее во брак се аскети и ״материјалисти״. (Изразот материајлисти овде е употребен во христијански смисол: христијаните имено, не само што не го презирааат човечкото тело и материјата во целина, туку гледаат во нив потенцијална духовност преку соединивање на целиот човек и целокупната твар со Бога) Разликата помеѓу христијанинот-монах и христијанинот во брак е в начинот на подвизување.

 Свети Иринеј Лионски говори за Богот Син и Богот Дух Свет како за две раце на Бога Оца: при создавањето, искупувањето и осветувањето на светот Бог едноставно се служи со Своите Живи Раце. Монаштвото и бракот се во извесен смисол, две раце на Црквата и два изрази на царското свештенство на верните. На Цркавта и нејзината мисија потребни и се двете.

 6.  Непрестајна молитва и постојано каење

Во списите на пустинските Отци подвижници го читаме следното: ״Се зборува за ава Арсениј како тој една сабота доцна навечер застана на молитва и остана така, стоејќи и молејќи се, со раце подигнати кон небото, се додека утринското сонце не му го осветли лицето...А пак еден брат, кој беше тргнал накај него, кога стигна до неговата ќелија, погледна низ прозор и го здогледа старецот каде стои на молитва, а наликува како да е сиот во пламен.״

 Овој навод го изразува монашкиот идеал. Монах е значи оној кој без престанок молитвено стои пред Бога и кој толку се поистоветил се молитвата така што и самиот станал молитвен пламен. Тој пламен, тој жив оган, е начин за изразување на љубовта кон Бога и кон човекот. Со него тој му служи на општеството и помага еднаш да дојде до сецело преобразување на светот. Добро ќе рече некој, тоа е идеал; меѓутоа што се случува во пракса? Во едно свое дело запишал правослваниот финец Колијандер разговор помеѓу некој монах и лаик. На прашањето: ״Што вие всушност правите во манастирот?״, монахот одговорил: ״Паѓаме и стануваме. Паѓаме, па потоа стануваме. И повторно паѓаме, и пак стануваме.״ Манстирот  е место на постојана молитва и на траен покајнички живот. Молитвата Исусова, која завзема важно место во духовната делатност на секој монах, претставува, покрај останатото и покајна молитва, односно огнено и плачевно искање за простување: Господе Исусе Христе, Сине Божји, помилуј мја грешнаго (смилувај ми се на мене грешниот)!

 Мажот, жената и нивните деца го сочинуваат семејството. Семејството речиси по правило не е слободно од гревот и грешноста. Затоа често му е потребно многу време додека во него не завладее сосема слогата и љубовта. Секој негов член мора упорно да се бори против самољубието за да се научи да живее во заедница со останатите. И манастирот на свој начин е семејство. И монасите се слаби и грешни луѓе. И тие паѓаат, грешат, трпат неуспеси. Но, монахот после падот не ја губи надежта дека повторно ќе стане пред својот Господ, и затоа неотстапно се труди, по секој пад, со помош од Бога, повторно да застане на нозе. Оттаму секо монах, говорејќи за својот живот, веднаш помислува на ава Арсениј, но воедно и мисли на своите гревови, на својата себичност, гневливост, духовна празнотија...

 Но и покрај сė, ние христијаните, без разлика дали живееме во христијански брак или сме монаси, треба со помош на благодатта Божја, да стекнеме љубов. Љубовта, додуша спонтано извира од нашите срца, но, за неа сепак мораме да се бориме, мораме поради неа да страдаме-за да стане совршена благодатна љубов. Љубовта е почеток и крај истовремено. Таа се наоѓа во самото средиште на нашето битие и постоење. Таа е нашата суштина. Без неа-ние сме ништо.

Живеејќи во својот дом или во својот манастир, треба да ги вложиме сите напори да бидеме она што веќе сме.

 

5y_Maja.Beleva.jpg

 Подготви: Маја Белева