vozdvizenie.jpg

 

ЕТИКАТА Е НЕОПХОДНА

Во издание на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“, од Кавадарци, а во едицијата Роднокрајни автори, неодамна излезе книгата „Етика на културата“ од д-р Кирил Темков. Професорот Темков е еден од најпопуларните философи и интелектуалци од прв ред кај нас. Тој со своето етичко дело, а особено преку акцијата за воведување Етика во образованието на младите луѓе, е уникатен и најангажиран мислител за нашата иднина.
Учењата кои Професорот Темков несебично ги промовираше и се уште ги промовира поддржан од голем број македонски и странски интелектуалци од различни генерации, се учења, кои поттикнуваат да се прави добро и да се избегнува да се прави лошо. Д-р Темков не ја рекламира Етиката само како нешто убаво и корисно, напротив, тој Етиката ја рангира во редот на најбитните науки за опстанокот и напредокот на човештвото и принципиелно објаснувајќи ги професионалната, практичната и теоретската етика, низ оваа книга, ние ја разбираме синтагмата Универзална етика, експлицитно разработена низ философските текстови на Кирил Темков објавени во „Етика на културата“.

Книгата „Етика на културата“ има 239 странички и убава илустрација на кориците од сликарот Владимир Темков од Кавадарци. Таа содржи повеќе есеи кои се необјавувани до сега, или, пак, есеи со кои професорот настапил во Франција, Италија, Хрватска, Бугарија, Србија и други земји.

vozdvizenie.jpg

д-р Кирил Темков

Севкупноста на делото и на научниот интерес на професорот Темков може да се согледа и по екстровертната, надворешната структура на текстот, која авторот ја понудил низ интересот за согледба и просуда на читателот, а тоа се неопходните анализи за Етиката и Универзитетот, Етиката и Правото, Етиката и Науката, Етиката и Спортот, Етиката на јавните работници и јавните служби, како и Естетското доживување на Европа и Балканот или Етиката на новинарството.

Од друга страна, иманетната структура на книгата, внатрешниот дискурс на авторот, ни ги дава на увид објасненијата за Утилитаризмот, Консеквенцијализмот, Етиката на грижата, Должноста, Творештвото, Цивилизацијата, Европските вредности, та дури и Кавадаречкиот придонес во формирањето на светогледот и етичката страст за подобар свет и живот без болка spored професорот Кирил Темков.

Етичкиот дух, според Темков, го носат луѓето кои ги викаме битија со морал. Тие често се креативни промотори на доброто. Свети Климент Охридски, како најпарадигматичен етичар низ епохата, е оној кој вели дека покрај тоа што не треба да се прави лошо, потребно е да се прави добро, а луѓето да го разбираат своето  битисување како да се во постојан натпревар по добрина. Покрај светецот, д-р Темков зборувајќи за сегашната ера на етиката, во време на науката ја промовира и големата мисла на Алберт Ајнштајн, дека, научникот не треба да работи против својата совест, макар и државата да го бара тоа од него. Темков, едновремено, ја вивисецира и фактичката состојба во некои аспекти на современата цивилизација низ пластични примери, кои укажуваат дека за само сто години од една, сега на Планетата живеат повеќе од шест милијарди луѓе. Потсетува, дека, само пред еден век, на Земјата имаше десет пати помалку држави, укажува на динамиката која во  новото време и глобалниот простор, бара ново  морално воспитание и лидери со став. Предводници кои насилството ќе го заменат со дијалог, а толеранцијата ќе биде основна етичка акција во нашето постоење.

Слободата, граѓанството, еднаквоста, алтруизмот, несебичноста и другите одлики на современиот човек се главните белези на културната личност. Самиот Темков, во завршниот есеј, посветен на Кавадарчани, Кавадарци и Тиквешијата, на еден филигрански начин ја преплетува својата интелектуална страст да ги учи луѓето на вистината од една и својата философска драматика од друга страна, обидувајќи се низ анализа на едноставното да допре до смислата на самиот живот.


Д-р Сашко Насев