лого

3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel


Уште како философско учење во антиката, хедонизмот се базирал на уверувањето дека човекот нема слободна волја. Робувајќи и на неумоливата судбина, нему не му преостанувало ништо друго освен да се предаде на ситните уживања што ги носи денот. Испразнет од било каква амбиција, или потреба од активизам во животот, сета своја егзистенција тој ја ограничил на привидното живуркање испразнето од смисла. Новите хедонисти и без вака јасен детерминистички концепт зад веѓите, му се поклонуваат на самоугодувањето до степен на патологија, до степен на втора природа. Но, кој го направи првиот погрешен чекор?

Првата генерација родители кои своето детство го поминаа на село, во вообичаена патријархална фамилија, а своето зрело доба, од студентските денови па натаму, во некоја бетонска коцка во загадениот воздух на нашиот еден и единствен мегалополис, планирајќи го своето семејство посакаа нивниот скапоцен пород, нивната природна реткост, да ја/го одгледаат во лабораториските услови на онаа народната: тато носи, мама меси, а детето седи со скрстени раце. Единствена цел и преокупација, па и света желба во животот им стана нивното единче да го одмине горчливата чаша на самопрегорот, самооткажувањето и споделувањето. Во него да ги пресликаат сите свои детски мечтаења од пред панаѓурските тезги со лижавчиња и шарени дрангулии. Со докторфранкенштајновска прецизност, тие, пионерите на новиот хедонизам, започнаа да го создаваат своето слатко чудовиште од посмртните останки на своите младешки страсти и своите неиспилени удобствија. Детето не смее да почувствува никаков недостаток. Сé треба да е потчинето на категоричките императиви на педагогијата од Самерхил:
Купете им станови и тие од нив ќе направат наркомански дизниленд, или куплерај. Купете им компјутери со брз интернет и тие ќе се претворат во куќни духови. Купете им дипломи и од нив ќе нема поглупави суштества на планетава. Купете им телевизори со сателитски антени, само за нив, и тие нема да се измачат со ниту една книга во животот. Купете им скапоцена облека и тие вешто ќе ја сокријат својата баналност. Купете им и пријатели, и тие никогаш нема да се почувствуваат осамени во својот нарцизам. Купете им карта за пат околу светот и тие безрезервно ќе го презираат местото каде што се родиле. Купете им, на крајот, и скапи автомобили и тие брзо ќе го наследат Царството Небесно.

Со стратегијата на стаклено ѕвоно, претечите на нео-хедонизмот го остават своето милениче без елементарниот осет и поим за способност и активитет. Како последица на ова, детерминирани од ритуалните понадоци на своите верни слуги - родителите, првата експериментална генерација на хедонисти ниту имаат развиена волја, ниту пак желба, да се позабават со своите вистински обврски и предизвици. Тие на еден парадоксален начин стануваат покорници на судбината скроена од посесивната родителска квази-љубов. Како зависници на самоугодувањето и самодоволноста тие ја промашуваат секоја поента на своето постоење. А тоа воопшто не е ниту чудно, ни неочекувано. Рудиментиран од прекумерната употреба на родителите како ортопедско помагало во животот, невозможно е од младиот човек да очекуваме тој/таа да се еманципира од својата семејна идила (читај = клопка) и да стане суверена личност. Да стапи во брак тоа значи да се согласи со компромиси кои до сега не биле поставувани како барање пред него/неа. Тогаш светоста на бракот и љубовната заедница во него, која подразбира жртва и постојано самоодрекување, внимание и осет, се нешто неприфатливо и заканувачки туѓо.

Ако на тоа се надоврзе и идејата за многудетно семејство тогаш работата станува навистина конфузна. Многудетно семејство? Што е тоа многудетно семејство? Оксиморон или архаична флоскула? Како да се очекува од младите момчиња и девојки, идни брачни партнери и родители, да го разбираат феноменот семејство со повеќе деца, кога тие никогаш не ја почувствувале благодетта од животот со браќа и сестри? Освен ако, според безмилосните закони на некоја грешка во употребата на контрацепција, неговите/нејзините родители не донеле на свет уште еден брат, или една сестра, подеднакво загушувани со истата стратегија на стаклено ѕвоно. Причина за детска љубомора и изневереност, што дополнително го уништува осетот за природната семејна соборност. И не само тоа. Во кодот на сексуалната свест се врежува стравот од непредвидено зачнување како најголема опасност по животот полн со уживања. Тоа се разбира нема никаква врска со чувањето на девственоста и кај девојките и кај момчињата, туку само страв од можните расипувачи на забави за кои дополнително треба да се бара излез.

Од оваа преспектива превентивното чистење, како еуфемизам за грозоморното чедоморство или абортус, и разните видови на контрацепција делуваат како прифатлив криминал во функција на сочувување на можноста за понатамошно уживање и самоугодување. Младите несреќници кои го искусиле овој злочин малку ќе се мразат себе си, потоа можеби малку ќе ги мразат родителите кои ги поддржале во тоа, па потоа ќе си најдат некој друг објект за утеха и ќе заборават на она што тие го преживеале, иако нивното несакано дете тоа евидентно не го преживеало. А ако не заборават на гревот и совеста не престане да ги обвинува, тогаш тоа ќе биде припишано на нивниот слаб карактер. Она што се случува во сексуалниот живот, се случува и во интелектуалниот и професионалниот живот. Новиот хедонизам е убиство на секој морал и етика во човекот.

Неможејќи да го надвладеат самоугодувањето и зависноста од него, новите генерации хедонисти се обидуваат овој (анти)сензибилитет или (анти)етос да го озаконат во идеологијата на хипер-либерализмот, идолопоклонички робувајќи и на идејата за апсолутна слобода на човекот. Независно од библиската вистина дека, навистина, сé ни е дозволено, но не ни е сé полезно, тие својата философија на уживањето ја базираат врз еден друг вид детерминизам. Слободата, каква и да е таа, фиктивна или исценирана, е некоја нова Мојра, некоја нова судбина, според која тие ги виткаат своите страстопоклони вратчиња. Родителите, брачниот сопатник, децата, пријателите, роднините, предците и потомците, сите тие се дилери на задоволства сплотени во култот на слободопоклониот хедонизам. Жената е господар на своето тело. Мажот е господар на своето тело. Родителите се господари на децата, ако ги имаат. Децата се господари на универзумот. Светот е полн со номинални господари. Господари, робови на личните задоволства. Ограбувачи и искористувачи. Потрошувачи и загадувачи. Сега можеби ќе ни стане нешто по јасно за еколошката состојба во нас и околу нас.

Љубете ги непријателите, благословувајте ги тие што ве проколнуваат, чинете им добро на тие што ве мразат, служете им на оние што ве сметаат за нивни господари. Овие евангелски поенти се чинат илјадници светлосни години далеку од нашите срца. За почеток, според мерата, можеби е доволна старата еврејска поговорка: на оној што го мразиш, давај му пари; а оној што го љубиш, научи го како сам да си спечали.

 

3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

+Митрополит Методиј

{moshits}

Извор: http://www.akmpe.org/index.php?option=com_content&task=view&id=652&Itemid=28

 

Извор

TVITer270

П.П.2008-12-28 20:06:25

14ти август 2021 лето Господово