Од ,,јас” кон ,,Ти”
(Извадок од истоимениот есеј)

Боготрагањето е напрегнато и сериозно трагање…

Мислењето не е интересно поминување на времето, дури не е ни служење на културата или на општеството…
Човекот живее во своите мисли…
Мислите се човековиот живот.
Еден духовен, свет старец рекол: ,,Какви ви се мислите таков ви е животот”… Значи, мислите се служење, и тоа служење од посебен вид. Нашите мисли се преведуваат во нашите дела… Нашите дела се превод на нашите мисли.
Ние сме до срцевината обземени од убедувањето на површноста, живеејќи несамопознајно, без јасни судови за себеси и воопшто, за вистинскиот начин на постоење.
Тајна сме си самите себеси! А до вистинскиот начин на постоење се доаѓа во допирот со тајната за себе.
Себеоткривањето започнува од нашите мисли, од себенабљудувањето – како да набљудуваме некој апсолутно непознат ,,феномен”… Мошне е важно човекот во кои мисловни содржини живее… Ако погледнеме само една мисли која владее со нас - ќе откриеме огнена страст… И мислам дека нема да погрешам ако кажам дека сите наши мисли и дела, дури и оние кои на прв поглед изгледаат добри, би рекла дека немаат ништо заедничко со Библијата… како да се само обични коментари и толкување на тајните книги.
Човечкото мислење е инхибирано во темнината и треба да се искачува од една сфера во друга до светлината… до крајните граници на себепрогонувањето – до Царството Божјо во себеси што е еднакво со конкретното себепознание. По тој трагачки пат, наместо да се изморува, треба да се движи со растечка енергија и сила.
Живеењето се темели на односот меѓу човечкото ,,јас” и божественото ,,Ти”, на реалноста на тој меѓусебен однос, на средбата. Јас кон Ти! Во тој однос, човекот, тој ништовен, сирот човек, според своето предвечно повикување, е служител Божји. Заради него, заради човекот кој Го бира Бог, создаден е светот. Надворешниот привид на светот постои за преку него човекот да ја најде самата суштина. Сферите се разделиле за повторно тој да ги зближи. Творбата го чека. Самиот Бог го чека. И од него – “оддолу” треба да потекне призивот за спасение. Благодатта ќе биде одговор од Бога. Треба токму тоа да се случи, иако претставува тешко опислив настан за човековиот внатрешен живот, тоа претставува почеток, а истовремено крај на оној пат кој н# води од ,,јас” кон “Ти”.
          
Париз, јуни 2010

Автор : Михаила Поповска