prepsisoe2017 11

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Св. Кипријан Картагински вели: „Каде што е епископот таму е и Црквата". Оваа доктрина е развивана во долгата дваесетвековна традиција на Христовата црква. Но, истата се дополнува, односно, каде што е народот, возглавуван од својот архиереј, тоа е полната и вистинската Црква Христова, а глава на Црквата е Самиот Господ Исус Христос.


Пред педесет години, во овој свет храм, САС на МПЦ возглавуван од Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Доситеј, и од членовите на Синодот, Преспанско – битолскиот Митрополит г. Климент, Злетовско – струмичкиот Епископ г. Наум, Величкиот Епископ г. Методиј и Америчко – канадско – австралискиот Епископ г. Кирил, ја донесоа историската одлука за автокефалниот статус на славната Охридска архиепископија, во лицето на Македонската православна црква. Овој историски ден се случил точно после двесте години од нејзиното неканонско укинување од страна на иноверната турска власт, а потпомогната од фанариотските интриги и интереси. Желбата за возобновување на Охридската архиепископија, во целосен независен автокефален статус, никогаш не исчезнала. Многу архиереи кои потекнуваат од словенски род, правеле најразлични обиди за враќањето на достоинството на Охрид, како една значајна метропола, која е присутна уште во првите векови на христијанството на Вселенските и на Помесните собори. На нејзиниот престол столувале многу силни поглавари, учени богослови, големи дипломати, подвижници и учители на нашиот род. Многумина поради нивното застапување за возобновување на автокефалниот статус биле отстранувани од нивните катедри, праќани во заточение, а некои, пак, биле убивани. Желбата, во двата века на духовно и физичко ропство не престанувала да свети, кога посилно, кога послабо. Но, точно, по два века од укинувањето, на Третиот црковно народен собор, во „Св. Софија Охридска" се возобнови автокефалниот статус на древната Охридска архиепископија. Со самото прогласување, Синодот донесува одлука за возобнување на Охридската епархија, најпрво под името Величка, а идната година ја преименува во Дебарско – кичевска. Тогаш, се формира и епархија за дијаспората, за Америка, Канада и Австралија. Благоразумните архиереи и членови на Соборот носат уште една историска одлука, односно, да се отвори средното богословско училиште за создавање кадри на Македонската православна црква. Истото ќе започне да работи во октомври во конаците на манастирот „Горен св. Илија" – с. Бањани, Скопје, а потоа, истото се префрли во Драчево, каде што и денеска функционира.

prepsisoe2017 9


Служејќи ја денешната света Литургија во овој свет храм, сакаме да им искажеме благодарност на сите архиереи за нивната мудра одлука за возобновување и заживување на Охридската архиепископија. Им искажуваме благодарност и на сите соборјани на Црковно – народниот собор кои истата ја прифатија со акламација. Дека одлуката била исправна и мудра, го потврдува севкупниот наш народ, кој истата ја прифати тогаш а и денес, нешто што се гледа на секој чекор, и на секоја Литургија. Нека им е вечен споменот. Искрена благодарност за сè што направиле пред половина век.


Да се обратиме со искрена молитва кон нашиот патрон св. Климент Охридскиот Чудотворец. Тој нека ја заштитува и закрилува нашата црква, архиереите на истата, свештенството, монаштвото и верниот народ. Нека измоли милост од Бога, па час поскоро да биде призната како рамноправна во семејството на останатите Православни цркви. Амин!

prepsisoe2017 7

prepsisoe2017 18

Преподобен Сисое Велики
19. 07. 2017 година
Храм „Св. Богородица Перивлепта" - Охрид

 

Друго:

SPE_9599

SPE_9675


  • Денес, кога се навршуваат 50 години од одржувањето на III црковно – народен собор од 1967 година, Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, во сослужение на свештеници од Скопската епархија, отслужи Панихида во црквата „Св. Димитриј“ во центарот на Скопје.

    Со овој чин, молитвено беа спомнати учесниците на соборот, чијашто одлука значеше возобновување на автокефалноста на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската православна црква – годишнина што се одбележува ова лето Господово.

    Во своето обраќање Архиепископот потенцираше дека ние денес, за тоа што го имаме - своја Црква и своја Татковина, за можноста да ја исповедаме и живееме Христовата вера во свое црковно и државно парче земја, треба да им бидеме благодарни и на овие богољупци и родољупци - учесниците на историскиот Трет црковно-народен собор, како и на сите борци и бранители за Охридската столица.

 

 SPE_9727

19 -ти јули 2017 лето Господово