sverazmo2017 1

 sverazmo2017 2

16 Јуни 2017

„Венец на благодатта си примил од Бога за твоите страдања, мудар Еразмо, и венчан си потрчал кон Христа, Кого што си Го посакувал постојано, откако си ја отфрлил распадливоста, и си викал: Сите дела Господови, благословете Го Господа“ (песна од Канонот на Утрена на св. свештеномаченик Еразмо Охридски).

sverazmo2017 3

Мудриот Еразмо, големиот подвижник и свештеномаченик, како добропослушен посредник на сите кои искрено и со вера побарале од него помош и застапништво, секогаш е прославуван достојно и со голема почит од нашиот верен македонски народ. Тоа го потврдија и илјадниците поклоници, кои дојдоа да му се поклонат на денот на неговиот спомен и да Го прослават Бога преку Неговиот светија. Споменот на светиот Еразмо Охридскиот Чудотворец, беше свечено одбележан на местото на неговото подвижништво, во манастирот „Св. Еразмо Охридски“ во Охрид. Празнувањето започна ден претходно, на 14.06.2017 година, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески, Владо Недески и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески.

Прославата на нашиот свет заштитник продолжи утредента, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимадритот Нектариј, протоерејот Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески, Владо Недески и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

sverazmo2017 5

Митрополит Тимотеј

Дивен Бог во свјатих Своих (Пс. 67, 35)

Драги браќа и сестри,

Зборовите на старозаветниот пејач Давид се многу значајни и поучителни за секој христијанин. Бог Отец, од преголема љубов кон човечкиот род, Го испраќа Својот Единороден Син Господ Исус Христос да се овоплоти. Примајќи човечко тело, ќе живее во оваа долина на плачот. Ќе нè поучува, ќе прави чуда, ќе лекува секакви болести, ќе воскреснува умрени, и на крај, Самиот ќе биде суден и распнат. Но, исто така, и ќе воскресне. Преку оваа Негова искупителна жртва, го зеде гревот на човечкиот род врз Себе и ни даде можност повторно да се облагодатиме. Ни даде можност да се осветиме и да бидеме во нашата првобитна состојба. Таа првобитна состојба ќе ја достигнеме доколку ги ползуваме сите благодати и можности, што нашата света вера и Црква ни ги дава на располагање.


Ние, како луѓе од тело и крв, во нашиот секојдневен живот се сретнуваме и се воочуваме со големи искушенија. Искушенија во коишто паѓаме и грешиме, а преку тоа, се оддалечуваме од Бога и градиме ѕидови помеѓу нас и Семилостивиот Господ. Но, светата Црква нè учи, доколку живееме според учењето на нашата вера, ќе можеме да ги надминеме сите тие препреки и искушенија и ќе го победиме гревот и страстите, кои нè приковуваат кон земното, грешното, преодното и трулежното. Ако живееме според учењето на нашата Црква, преку светите тајни ќе бидеме поткрепени од Духот Свет и ќе можеме да се издигнеме и да се одлепиме од земното, од гревовното и од сè она што нè прави престапници и грешници.


Како најдобар пример дека онаму каде што се почитува волјата Божја и оние што живеат според учењето на верата, Бог ги обдарува со сила, со благодат, која ги победува сите искушенија во овој живот, најдобро ни сведочат Божјите угодници. За тоа ни сведочи светиот Еразмо Охридскиот Чудотворец, чиј спомен денес го празнуваме.


Св. Еразмо, после апостолот Павле, е втор проповедник на Евангелието на Македонската земја. Во неговото житие се вели дека потекнува од Антиохија. Кога во тие земји ќе настапи гонење на христијаните, тој ќе биде протеран и ќе дојде во овие наши предели, каде што ќе го проповеда и зацврстува христијанството. Се подвизувал токму на ова место, во горната капела, при овој манастир, кој го носи неговото свето име. Св. Еразмо бил носител на Светиот Дух. Наоружан со молитва, можел да го сочува своето срце чисто, да живее беспорочен живот, да го преумножува смирението и да ја ползува Божествената љубов.


Угледувајќи се на овој Божји сосуд, и ние, како христијани, треба да се поучиме, па да се обидеме да имаме во себе оган на Духот Свет. Свето да го чуваме својот пат од секакви страсти, за да не Му погрешиме на Бога. Да го чуваме својот јазик и да не ги осудуваме другите. Да ги чуваме своите уши и да не слушаме секакви лоши помисли и суети, и да не посакуваме телесни наслади. Да се пазиме за да не $ нанесеме непријатности на душата. Душата, пак, е нашиот најголем дар од Бога.


Мрзливиот христијанин со голема леснотија подлегнува на искушенијата. Ги задоволува телесните страсти преку блуд, пијанство и секакви други пороци. Преку тоа, пак, од себе ја отстранува благодатта на Светиот Дух и постапно постанува роб на ѓаволот. Не каејќи се, ја губи својата душа.


Од друга страна, вистинскиот христијанин ја исполнува волјата Божја. Тој не е сам, туку, секогаш во своето срце Го носи Светиот Дух. Со сè е задоволен. Секогаш има мир во својата душа. Од ништо не се плаши и сите ги сака живеејќи во љубов. Тој е ангел во тело. Не живее за себе, туку, за доброто на другите. Живее, за да Го слави Христа и да го проповеда величието Божјо. Живее за да $ служи на Црквата, а со тоа, да му донесе полза на ближниот.


Да се обратиме со искрена молитва кон св. Еразмо. Да го бараме неговото застапништво и тој да биде наш молитвеник. Да се очистиме од сите страсти и слабости, па и во нашите срца и души да се всели Светиот Дух, прославувајќи Го Триединиот Бог. Амин!

св. Еразмо Охридски
15.06.2017
манастир „Св. Еразмо Охридски" - Охрид

sverazmo2017 6

sverazmo2017 7

sverazmo2017 8

sverazmo2017 9

 sverazmo2017 12

 sverazmo2017 13

 sverazmo2017 14

 sverazmo2017 15

 sverazmo2017 16

sverazmo2017 17

sverazmo2017 18

sverazmo2017 23

 sverazmo2017 23

 Извор: Дебарско- кичевска епархија