Sample Image

Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Старец Јероним, исихаст Егински“. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ од грчки јазик го преведе свештеник Јани Мулев.
Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Во прилог можете да го прочитате и предговорот на оваа книга.

Предговор на книгата „Старец Јероним, исихаст егински“

„Угледајте се на мене, како што и јас на Христа!“ (1.Кор. 11,1), вели светиот апостол Павле, и ни остава аманет на сите идни поколенија, да земаат пример од своите духовни водачи, кои и самите се угледуваат на Христа. Оние кои се угледале на Христа, кои соединувајќи се со Него станале слични, т.е. подобни на Него, ги нарекуваме преподобни. Еден таков преподобен отец на Светата Црква запознаваме преку книгата која ја имате пред себе. Станува збор за старецот Јероним Егински.

По потекло, како и речиси сите нови свети духовници на Грчката православна црква, е од Мала Азија, од Кападокија, родилката на многу светила на нашата Света Православна Црква, вистински великани на богословските науки, сигурни ориентири на духовниот живот.

Животот во неговата татковина бил проникнат со молитва, со пост, покајание, со Телото и Крвта Христови. Луѓето биле трудољубиви – особина која денес е вистинска реткост дури и кај верниците – на нивите и полињата работеле пеејќи псалми, домаќинките ги работеле домашните работи со молитва и побожни химни; секоја куќа си имала свој параклис или агол каде што ги чувале иконите и светите нешта, и каде што во текот на денот се молеле сите членови на семејството. Познатите кападокиски пештери биле полни со свети подвижници, а тој дух владеел и меѓу побожното население – се сметало за голема привилегија некој од семејството да стане монах или свештеник. За световни песни или облекување луѓето не знаеле, а никако не можело да се чуе некаква пцовка, особено такви кои се упатени кон Господ, Пресвета Богородица, или нешто што е поврзано со верата, а што за жал е многу честа појава во денешна Грција и Србија. Кога настанала големата размена на население, дошле овие малоазиски христијани во Грција, и кога чуле како тамошните жители го пцујат Господ и Богородица, со солзи во очите барале да се вратат назад, бидејќи сметале дека „подобро да бидат убиени од Турците, отколку да слушаат како крстени луѓе хулат на Господ и на Пресвета Богородица“. Ете од такви духовни корени никна и овој кападокиски старец Јероним.

Од дете воспитан во побожен дух, знаел за умносрдечна молитва уште од рано детство, затоа што таму сите така се молеле. Кога верниците биле толку духовно напреднати, какви ли биле нивните свештеници и монаси! Цел живот останал верен и посветен на молитвата, и заради побожноста примил свештенички чин, но наскоро по ракополагањето се откажал од служењето, затоа што имал страшно видение, кое го потресло до длабочините на душата, и оттогаш сметал дека тој не е достоен да служи Литургија.

Во него може да видиме повеќе аспекти: бил и монах, и духовник, молитвеник и утешител, човек кој секојдневно одел во градот да собира храна и да им ја носи на сиромашните семејства. Значи, тој иако со умот пребивал на небесата, сепак, срцето му било полно со луѓето, за кои се грижел на дело. Не бил умислен подвижник, кој се крие во манастир, кој ги избегнува луѓето, кој прима само значајни личности, туку тој останал вистински пример за пастир и монах и духовник.

Денешниот надлежен архиереј на таа епархија, кој како дете се удостоил да го запознае старецот и да се увери во неговата светост, веднаш по излегувањето од печат на оваа книга, на свештеничко собрание, на сите свои клирици и монаси им подарил по еден примерок од оваа книга, за да им биде на сите ориентир за тоа, како треба да живее и да служи еден свештеник или монах.

Во неговото житие и поуки може секој да најде полезни работи, и верниците, и монасите, и свештенослужителите, па затоа срдечно им ја препорачувам оваа книга на сите богољубиви личности, да им биде главно помагало во духовниот живот.

Неговите молитви и благослов да бидат со сите нас. Амин.

Митрополит Повардарски

+Агатангел