( 79-88 )


Молитвата нека биде секогаш со твојот ум, така како што е сончевиот зрак во сонцето, без која земните грижи, како безводни облаци, биваат носени наоколу и го лишуваат умот од светлината што му е својствена.

Страсниот ум не може да помине низ тесната врата на молитвата, ако пред тоа не ги остави своите сластољубиви грижи за земното и телесното; тој секогаш ќе се измачува бесплодно, вртејќи се таму – ваму во сенката на своите грижи.

Ако умот не ја отфрли својата непотребна грижа за земното и телесното, тој не ќе може лесно да се издигнува кон висините; тој не може да сфати ни во каква состојба се наоѓа.

Молитвата, кога е засилена со солзи, ги исфрла од  душата сите непријателски помисли, но пак ги враќа во себеси, ако умот нејзин пак почне да талка, што бива засилувано од празните разговори, кои, ако ги победиме, сме ги победиле истовремено и: невоздржливоста на погледите, зборовите и движењата.

Постот е слика на денот – затоа што може да се види, а молитвата е слика на ноќта – затоа што е скриена и што не може да се види. Оној што го извршува и едното и другото, како што треба, соединувајќи ги едното со другото, тој стигнува во градот, во кој тргнал, откаде „скрбта и воздишките ќе исчезнат“ (Иса. 51, 11).

Духовната дејност може да дејствува и без соодветно телесно дејствување. И блажен е оној кој на телесната дејност ѝ го претпоставил она што е подобро – духовната дејност. Кој ја има оваа работа, тој го исполнува и отсуството на надворешната дејност, живеејќи со животот на молитвата, која е скриена за луѓето, но видлива е за Бога.

Апостолот нѐ повикува да трпиме со вера, да се радуваме со надеж, да престојуваме во молитви, за да живееме во богатството на радоста. Па, ако е така, од тоа следува, дека оној што нема трпение тој нема ни вера; оној што не се радува, - нема ни надеж; зашто ја отфрлил молитвата, која е причина за радоста и не живее во неа (сп. Рим. 12, 12; Кол. 4, 2; Евр. 12, 1).

Како што некогаш во почетокот, умот што отпаднал преку гревот и бил истеран од рајот, заборавајќи ја неговата светлина, така и сега, заборавајќи за сѐ земно, тој е должен пак да се издигне таму преку молитвата.

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том III

Подготви:Т.С.