2.  Поуки од свети Марко, извадоци од неговите други слова (65- 68)    


Оној што се подвизува треба започнатиот подвиг на добродетелта да го доведува до крајот. И младите и старите, тие што имаат здраво тело, кои не се плашат од трудови и огорченост – корисно е со голема усрдност да го сакаат постојаниот пост: да јадат леб умерено, а и вода да пијат со мерка одвреме – навреме. Да престануваат да јадат тогаш, кога чувствуваат дека се уште гладни и да престануваат да пијат кога уште чувствуваат жед, така што јадењето и пиењето да не им биде пречка на неопходното служење на Бога. Ако јадеме и пиеме многу вода, ќе посакаме пак да јадеме. А, ако не се наситуваме до крај, тогаш, бидејќи секогаш гладни, ако и сакаме да се наситиме, тогаш ќе бидеме задоволни, и ако се наситиме само со леб.

bogorodica.k.dol.jpg
Не е лесно да владееме со бесрамниот стомак, зашто тој им станува бог на оние што ги победува; неможно е да биде невиновен оној што му се покорува нему. И не само од наситувањето јас ја гледам опасноста, зашто кога во текот на многу денови не земаме храна, тогаш во нас ќе си најде место унинието, и ќе востане и ќе се бори против нас; нашето ноќно бдение го претвора во сон, а дневната молитва во плотски помисли, така што поради сонот не добиваме никаква полза и се изложуваме на голема опасност од плотските помисли. Зашто, помислувајќи дека постиме повеќе од другите, почнуваме да мислиме високо за себе си и да ги потценуваме другите, а ваквото мислење за себе си и за другите потешко е од секој грев.

Како што е неразумен оној земјоделец, кој, иако потрошил многу за орање на своите ниви, ги оставил непосеани, па целиот свој труд попусто го правел, така и ние, ако го измачуваме нашето тело со тешки трудови и со големо внимание, спрема себе си, а не го сееме во нас семето на молитвата, ќе излезе како да сме се труделе и да сме работеле сами против себе си. Но, можеби некој ќе рече: „Ако во молитвата е она што е најважно во делото на правдата, тогаш какво е значењето на постот?“ – Се разбира, големо е и ова значење, зашто како што кутриот земјоделец, ако ја посее својата нива, која откако ќе обрасне со плевели, ја запостави и не ја обработува понатаму, тогаш место пченица ќе пожнее трње; така и ние, ако го сееме семето на молитвата, а нашето тело пред тоа не го победуваме со пост, тогаш, место плодови на правдата, ќе родиме плодови на гревот. Зашто и телото наше е од истата земја и ако не биде и тоа обработувано грижливо, како и нивата, и тоа нема да роди плодови на правдата.


Постот како што им придонесува полза на оние, кои му пристапуваат разумно, така е и штетен за оние кои неразумно го започнуваат. Затоа, оние што се грижат за постот, треба да се пазат и од штетата што може да им ја донесе, од суетата. И лебот што го јадеме по завршувањето на постот, што сме си го одредиле, треба да го разделиме и на оние денови кога не јадеме никаква храна, така што, ако секој ден јадеме по малку, би можеле да го покориме мудрувањето на нашето тело и да имаме крепко срце за извршување на корисна молитва, така што на тој начин, со помошта на Божјата сила, да бидеме запазени од гордост и во текот на целиот живот да останеме смирени; без смирение никој никогаш не можел да Му угоди на Бога.

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том I

Подготви:Т.С.

 

Друго:

Преподобен Марко Подвижник
Календар, житија,
 
Аскет и чудотворец. Замонашен од својот учител Св. Јован Златоуст во четириесеттата година од животот, Марко помина уште шеесет години во Нитриската пустина во пост, молитва и пишување на духополезни книги. Целото Свето Писмо го знаеше наизуст. Беше многу милостив и плачеше над бедата на секое Божјо создание. Еднаш плачејќи Му се помоли на Бога за слепото малечко на една хиена и тоа прогледа. Од благодарност хиената мајка му донесе една овновска кожа. Но светителот ѝ забрани на хиената во иднина да ги коле овците на кутрите луѓе. Причест примаше од раце на ангели. Неговите беседи за духовниот закон, за покајанието, за трезвеноумието итн. спаѓаат во првокласната црковна книжевност, нив ги фалеше и возвишениот патријарх Фотиј.

Свети Марко Подвижник - Списи (22.04.2017)

Поуки од свети Марко, извадоци од неговите други слова

Свети Марко Подвижник - Списи