д) За борбата со жалоста (219 – 225)
Кој сака да Му угоди на Бога и да стане наследник Божји по вера, за да се нарече син Божји, роден од Светиот Дух, тој е должен, пред сѐ, откако ќе се облече во добродушност и трпеливост, храбро да ги среќава и поднесува сите маки и страдања, било телесни болести и страдања, било навреди од луѓето и разни демонски искушенија, кои ни ги испраќа лукавиот со намера да нѐ раслаби, очае и да нѐ направи нетрпеливи, за да ни попречи да влеземе во вечниот блажен живот. Сето ова станува според Божјата промисла, која дозволува секоја душа да биде искушувана со разни маки и страдања, за да се покажат оние што Го љубат Бога со сета своја душа, кои претрпуваат сѐ, без да ја загубат својата надеж на Бога, исполнети со благодат, вера и трпение, го претрпуваат секое искушение и на тој начин се покажуваат достојни за царството небесно.

Онаа душа што не е храбра и што со трпеливост не ги поднесува сите искушенија и страдања, туку се очајува, жали и се бунтува, се вознемирува и не се грижи за своите подвизи, загубувајќи ја и самата надеж на своето спасение; ја загубува сигурната надеж, која со несомнена надеж ја очекува Божјата милост и со која, се разбира, не може да се удостои, затоа што не го следела примерот на сите светии и не одела по стапките на Господа. Гледај и набљудувај како некогаш оците, патријарсите, пророците, апостолите и мачениците, минувајќи го овој пат на искушенија и страдања, успеале да Му угодат на Бога и да се удостојат со големи награди.

Бог не дозволува онаа душа, која се надева на Него и која е трпелива, да биде прекумерно искушувана, за да се очае, да падне во такви искушенија и страдања, што нема да може да ги истрпи (сп. 1. Кор. 10, 13). И лукавиот наш непријател не ја искушува и не ја измачува душата толку колку што посакува, туку толку, колку што му е дозволено од Бога. Нашата душа е должна сѐ да поднесува храбро, да се надева на Бога и да ја очекува Неговата помош. И тогаш не е можно да биде оставена. Напротив, колку душата повеќе се подвизува, прибегнувајќи со вера и надеж кон Бога, толку побргу Он ја избавува од секоја мака, во која се наоѓа. Зашто Он знае колку душата треба и може да страда. Ако,  не ги стави направените садови во печката, за да се стврднат, тие не би биле погодни за својата намена, но ако ги остави во печката повеќе отколку што е потребно, тие ќе прегорат и ќе испрскаат, и, нема да бидат за никаква употреба. Па, ако луѓето за обичните работи имаат толку разумност и знаење, тогаш колку повеќе Бог знае колку потреба има душата од искушенија и страдања, за да може оној што сака да Му угоди и да го добие вечниот живот.

Како што каделата бива погодна од неа да се напреде тенка и мазна преѓа откако многупати ја чистеле и влачеле, така и богољубивата душа, подложувајќи се на многу искушенија и страдања и претрпувајќи храбро, станува сѐ почиста и попогодна за духовни подвизи и за духовен живот и, најпосле, се удостојува да го наследи небесното царство. – Маките и искушенијата ја прават душата искусна и силна, ако сѐ што ѝ се случува непријатно го поднесува храбро, доброволно и со надеж на Бога и со непоколеблива вера очекува од Бога да добие избавување и голема милост.

Душата што е предадена на страдања заради испитување и бива најразлично измачувана од лошите духови, со внатрешна тешкотија од лукави помисли, како и со телесни маки и страдања, ако ги претрпува храбро, ако се надева на Господа и ако ја очекува наградата од Него, - ќе биде удостоена со венци на славата и на правдата и во денот на Страшниот суд ќе добие од Бога еднаква награда заедно со светите маченици. Зашто маките и страдањата што ги претрпуваат, носејќи го својот животен крст, се еднакви со другите измачувања од нечистите духови, кои ги напаѓаат.

Непријателот, ако не може да нѐ натера да направиме нешто лошо и да нѐ собори со лоши и лукави мисли, тогаш нѐ напаѓа со жалости и страдања, за да го помрачи нашиот разум и потоа да сее во него сѐ што ќе посака. Ако ни на овој начин не може да ја постигне својата пакосна цел, тој тогаш ни овозможува да ги имаме сите удобства во животот, ни ласка и нѐ воздигнува, нѐ наведува на секаква измама, што е всушност нешто пострашно и од сите страсти, зашто тоа нѐ прави горделиви, нѐ повлекува кон длабочината на сластољубието, го изгонува од нас спомнувањето за Бога, за нашата немоќ и за смртниот час. Најпосле создава во нас расположение да се бориме против секој човек и сѐ што е добро.

Сѐ е од Бога – и доброто и жалоста, но едни работи биваат затоа што доброволно се согласуваме со нив, други биваат според Божјата промисла и трети – затоа што Бог се согласува со нив и ги допушта. Доброволни се оние – кога живееме добродетелно, зашто тие работи Му се угодни на Бога, за да живееме добродетелно и да се украсиме со венци за нашата трпеливост; според Божјата промисла – кога паѓаме во гревови и биваме вразумувани и, најпосле, кога Бог се согласува и ги допушта искушенијата, затоа што, иако биваме вразумувани, не се поправаме и не се обраќаме. – Бог нѐ  накажува по Својата промисла тогаш кога грешиме, за да не бидеме осудени заедно со светот, како што вели апостолот: „Судејќи нѐ, Господ нѐ накажа, за да не бидеме осудени заедно со светот“ (1. Кор. 11,32), а светиот пророк Амос вели: „Се случува ли во градот зло, што не го дозволил Господ?“ (Амос 3,6), а такви се: гладот, раните, болестите, неуспесите, борбите, зашто сите тие служат за нашето очистување од гревовите. – Бог го допушта сето ова и потполно ги остава оние, кои не сакаат да живеат без да грешат, кога не сакаат да се обратат, туку и понатаму продолжуваат да грешат. Тогаш Бог ги предава на изопачен ум – да го прават она што не прилега (сп. Рим. 1,28).
 
Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II

Подготви: Т.С.