За вистинскиот христијански живот
(Избор од неговите беседи)

6. Состојбата на оние што ја почувствувале примената благодат

в) Затоа оние што ја дознавале благодатта непрестајно жедуват да ја вкусуваат сѐ повеќе и повеќе.

189. Правдољубивите и доброљубивите души, кои посакуваат со голема надеж и вера потполно да се облечат во Христа, не само што немаат потреба од напомнување на другите, и не трпат во себе никакво намалување на својата желба кон небесното и во љубовта кон Господа, туку, откако сецело се приковале кон Христовиот крст, секојдневно го сознаваат во себе си чувството на духовно преуспевање во својата приврзаност кон духовниот Младоженец; тие понесени од таа небесна желба и жед кон правдата на добродетелите, силно и ненаситно тежнеат кон духовно озарение. А, ако заради својата вера се удостојат да го примат познавањето на божествените тајни, или стануваат учесници во радоста на небесната благодат, тие не се надеваат на себе си, не сметаат дека се нешто, туку, колку повеќе се удостојуваат со духовни дарови, толку повеќе се наполнуваат со небесна желба и со уште поголеми напори ги бараат тие дарови, сѐ повеќе се гладни и жедни за добивање и преумножување на благодатта, па уште повеќе се збогатуваат духовно, сѐ помалку мислат за себе си и за својата вредност – затоа што со сѐ поголема духовна глад копнеат кон Небесниот Младоженец, како што се вели во Светото писмоː „Оние што ме јадат – погладни ќе бидат, а оние што ме пијат – пожедни за мене ќе бидат“ (Мудр. Сир. 24,23).

190. Душата, која вистински Го сака Бога и Христа, ако направи илјадници праведни дела, со ненаситен стремеж копнее кон Господа, мисли дека уште ништо добро не направила; ако го измачи своето тело со пост и бденија, останува со чувство како уште да не започнала да се труди за придобивање добродетели; ако се удостои со различчни духовни дарови или со откривање и на небесните тајни, поради својата неизмерлива и ненаситлива љубов спрема Господа, мисли како ништо да не придобила, па секојдневно гладува и жедува, останувајќи со вера и со љубов во молитва, не може да се насити со благодатните тајни и со преуспевањето во секоја добродетел. Таа е прободена и ранета од љубовта на небесниот Дух и со помош на благодатта непрестајно го присилува во себе си пламениот стремеж кон небесниот Младоженец и сака да се удостои со потполно и таинствено општење со Него во светињата на Духот и со своето отворено духовно лице Го гледа небесниот Младоженец лице в лице, во онаа духовна и неискажлива светлина и со потполна доверба се соединува со Него, тежнее да се удостои со смрт слична на Неговата, несомнено верува дека преку Духот ќе биде потполно избавена од гревот и од темнината на страстите. Па, откако ќе биде очистена со Духот и се посвети душевно и телесно, се удостојува да стане чист сад, за да го прими во себе си небесното миро и да стане живеалиште на небесниот и вистински Цар Христос. Тогаш се удостојува со небесниот живот и уште овде станува чисто живеалиште на Светиот Дух.

191. Но, душата не може да дојде до таков степен на совршенство одеднаш и без страдања и испитувања. Напротив, само преку многу трудови и подвизи, во тек на подолго време, со многу ревност, по многу проверувања и страдања, се удостојува душата со такво растење и напредување дури до потполна бестрасност. И дури тогаш, откако со подготвеност и храброст ги издржала сите искушенија од гревот, се удостојува со секакви почести, со духовните дарови на небесното богатство и на тој начин станува наследничка на небесното царство на нашиот Господ Исуса Христа.

192. Христијанството е јадење и пиење. И колку повеќе од него вкуси неговиот ум, толку повеќе се возбудува со сладоста и станува незадржлив и ненаситлив, па сака сѐ повеќе да се насладува со него. Или како кога е некој жеден, па му дадат некој сладок пијалок да се напие, тој, откако го вкуси, чувствува се поголема жед, која потполно со право се споредува со жедта на ваквиот човек. И тогаш не само зборовите, туку и дејството на Светиот Дух, на таинствен начин му помагаат на умот.

193. Замисли извор и како некој жеден човек почнува да пие од него, а потоа, кога почнал да пие, го отргнуваат од изворот и не му даваат да се напие колку што сака. Тој тогаш, откако вкусил малку од водата, уште повеќе ја чувствува својата пламена жед и сѐ повеќе му се пие. Ова исто го доживуваме и во духовна смислаː кога некој почне да јаде и да пие духовна храна и духовно пиење и кога токму тогаш некој почне да го попречува во тоа – кога не му дозволува да се нахрани и да се напои.

194. Господ ја знае човечката немоќ, знае дека човекот може набргу да се погордее, па затоа го сопира, го држи во непрестајно бранување и страдање. Зашто, ако и тогаш кога примиш малку – на сите им стануваш здодевен и се гордееш, а колку ли поздодевен ќе им бидеш, ако одеднаш се наситиш со сите благодатни сладости! Но Бог, знаејќи ја нашата немоќ, по Својата промисла, ни испраќа маки и страдања, за да бидеме смирени и поревносно да Го бараме.

 

Избор од ФБ нстраната на Светланка Трајчева